ТАВ го пречека првиот лет на „Еуровингс“ од Штутгарт на аеродромот во Охрид

ИЗВОРСкопје24
|

Со традиционалното авијациско добредојде – воден мост за авионот Ербас А 320 на авиокомпанијата Еуровингс и слатки за патниците, ТАВ Македонија го пречека првиот лет од Штутгарт на аеродромот „Свети Апостол Павле“ – Охрид, утринава, по повод отворањето на двете нови сезонски дестинации – Штутгарт и Дизелдорф, како и влезот на Еуровингс како нова авиокомпанија на македонскиот пазар.

’’Многу сме среќни што ги поздравивме првите патници од Штутгарт на охридскиот аеродром утринава, дојдени со Еуровингс, дел од групацијата Луфтханза. Од денеска, 1 јули, Еуровингс ќе лета на дестинацијата Штутгарт-Охрид два пати неделно, секој понеделник и петок, до 9 септември, а од 17 јули авиокомпанијата ќе ја отвори својата втора сезонска дестинација од охридскиот аеродром – Дизелдорф, на која ќе лета секоја среда до крајот на август. Очекуваме овие две нови дестинации, Штутгарт и Дизелдорф, да го зголемат бројот на патници на аеродромот во Охрид, како и бројот на германските туристи на прекрасното Охридско Езеро. Во исто време, двете нови дестинации ќе отворат нови можности за локалното население кое ќе може да го избере Еуровингс за нивните патувања и да ги искористат поволностите од широката мрежа на 210 дестинации низ целиот свет, вклучувајќи и далечни дестинации до Северна Америка, Јужна Америка и Азија’’, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Патниците можат да добијат повеќе информации за резервации и продажба на авионски билети за новите дестинации од аеродромот во Охрид до Штутгарт и Дизелдорф, на веб-страницата на Еуровингс: https://www.eurowings.com Од денеска, авиокомпанијата лета од Штутгарт до Охрид, секој понеделник, со време на пристигнување во Охрид во 09:25 часот и време на полетување за Штутгарт во 10:15 часот. Во петок, летовите ќе пристигнуваат на охридскиот аеродром во 10:15 часот и ќе заминуваат за Штутгарт во 11:05 часот. Летовите до Дизелдорф, како втора нова дестинација од аеродромот во Охрид, што ги воведе Еуровингс ова лето, од 17 јули, ќе бидат секоја среда, пристигнувајќи на аеродромот во Охрид во 18:10 часот, со заминување за Дизелдорф во 18:50 часот.

“Многу сме задоволни што можеме да им ги понудиме на патниците новите дестинации од Охрид до Штутгарт и Дизелдорф во текот на ова лето. Авио-билетите се достапни веќе од 29,99 евра за лет во една насока”, вели Оливер Вагнер, Главен комерцијален директор на Еуровингс. Охридскиот аеродром Свети Апостол Павле во моментов опслужува 20 дестинации, од кои 8 се редовни нисокобуџетни авиолинии преку целата година: Цирих, Базел, Виена, Лондон, Малме, Милано, Меминген и Дортмунд. Останатите 12 дестинации од охридскиот аеродром се сезонски, од април до октомври: Амстердам, Брисел, Истанбул, Талин, Тел Авив, Варшава, Ајндховен, Катовице, Мастрихт, Адана, Штутгарт и Дизелдорф.

Авиокомпаниите што во моментов летаат од аеродромот во Охрид се: Виз Ер, Еделвајс, Германија Флуг, Пегасус, Онур ер, Корендон, Брисел ерлајнс, ТУИ флај, Нордика, Ентер ер, ЛОТ, Хелветик и Еуровингс. Охридскиот аеродром е рангиран од Airports Council International (ACI) како еден од првите три аеродроми во Европа, според стапката на најголем раст на бројот на патници во првиот квартал од 2019 година, која е 63,9%, што е значително повисоко од просекот на ЕУ од 4,4%. ТАВ Македонија продолжува да забележува зголемувањето на бројот на патници во првите месеци од 2019 година. Од јануари до мај 2019 година, преку Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, патувале вкупно 914.759 патници, што е зголемување за 11% во споредба со истиот период од 2018 година. ТАВ Македонија ја заврши 2018 година со 2,3 милиони патници на двата аеродроми и годишен пораст од 16%.