Промената на нормалното време за оброк, новата средина, различните зачини во местото каде патувате, како и предолгото седење, може да влијае на вашиот метаболизам. Ова се и најчестите причини за тврда и нередовна столица, што со сигурност ќе ви го расипе патувањето и одморот.
За да се избегне вакво непријатно сценарио, како и мачнината додека се возите со некое превозно средство, постојат неколку нутриционистички трикови:
Појадокот е најважниот оброк во денот
Не бадијала постои оваа изрека. Одмор е времето кога треба да се отпуштите и да си дозволите секакви специјалитети, но, сепак, тоа не важи за појадокот. Место омлет или сувомеснати производи, консумирајте мусли, корнфлекс или овошје. Растителните влакна на овие производи се многу корисни, а заедно со утринското кафе, ова се оброците што ќе ви помогнат во утринското чистење на организмот.
Пијте вода, вода, и само вода!
Најдобриот појадок по бурна ноќ е водата, но таа е важна и во случај да не сте консумирале алкохол. Водата е важна за заштита од дехидратација на телото, со што повторно се јавува проблемот со нередовна столица. Пијте вода и додека патувате. Иако почесто ќе застанувате на паузи, тоа е време кое треба да го искористите за протегнување на нозете, што е исклучително битно за вашиот организам.
Без кафе и без алкохол во авион
Кафето и алкохолот во авионот може да предизвикаат само главоболка и дехидратација. Оставете ги за подоцна, а додека летате, пијте многу вода – голтка по голтка.
Јадете пред патување со брод
Немојте да избегнувате да јадете пред патувањето со брод. Ниското ниво на шеќери во крвта го засилува чувството на мачнина.Препорачливо е грицкање на кекс со ѓумбир, грисини или крекери.