По првите пет дена од стартот на проектот „МојДДВ“ граѓаните до сега имаат „заработени“ 120.000 евра од скенирањето на фискалните сметки со своите мобилни телефони. Апликацијата до сега ја имаат симнато 58 илјади државјани, а очекувањата се тие во зенитот да бидат половина милион корисници. До сега обработени се 433.204 сметки, брифираше денеска Сања Лукаревска, директорката на Управата за јавни приходи.
Заради мошне рестриктивните и строги правила на „Епл“ и натаму се одолговлекува апликацијата МојДДВ да биде достапна и за корисниците на „ајфони“. По стартувањето на обој проект забележани се поголем број на пријави од страна на граѓаните во УЈП на трговци кои не издаваат фискални сметки.
Граѓаните кои имаат проблем со читање на бар-кодовите од фискалните сметки проблемот можат да го надминат ако ваквите сметки ги прочитаат на апаратите на киосците и бар-код читачите кои, велат, функционираат беспрекорно и многу подобро од читачите на телефоните, а постои и можност бар-кодовите на ваквите нечитливи сметки да се внесат рачно за што корисникот треба да се упати во некои од регионалните и подрачните канцеларии на УЈП.