Ова е трет текст по ред резервиран исклучиво за една стратешка визија за надворешната политика на нашата земја. Тој – и наредниот последен за оваа тема – престставуваат мост помеѓу содржината од првиот и вториот текст односно: (I) внатрешните механизми кои може да ги изградиме; и (II) надвoрешните околности на кои мора да се прилагодуваме. Овој спој треба да претставува навигациона мапа за едно мало бродче, кое плови во океан со огромни бранови. Со многу знаење, дисциплина и креативност тоа бродче – нема само да ги спречи големите бранови да го потопат и скршат – туку ако е побврзо и пофлексибилно од другите може да стигне и до мирни води, полно со плен и профит.
ДВЕ ТЕОРИИ ЗА ЕДНА ПАРАДИГМА
Практичните аспекти на секоја работа се екстремно важни, но за добивање на една општа слика, неопходно е да користиме одредени теоретски матрици на размислување. Тие ќе послужат при поставувањето на нашите приоритети и дефинирањето на односите со нашите стратешки партнери.
Теоријата на светски системи
Според Immanuel Wallerstein – еден од највлијателните теоретичари за меѓународните односи – свесткиот систем се состои од: (I) Држави во јадрото на системот – кои се карактеризираат со диверзифицирана економија, производство на стоки и услуги со високо ниво на додадена вредност, моќни сектори за истражување и развој, финансии, услуги и комуникација. Нивната економија и општество функционира во силнен и комплексен систем на институции. Тие се релативно имуни од политички потреси; (II) Држави во периферија на системот – кои се карактеризираат со слаби институции, популација со ниско образование, неразвиена инфраструктура и зависност од извоз на еден или неколку суровински продукти. Нивниот политички систем е нестабилен и осетлив на економски и политички шокови; (III) Држави во полу-периферијата на системот – кои ги делат карактеристиките на двата предходни типа на држави. Се борат да се пробијат во јадрото, но ризикот дека ќе западнат во периферијата е секогаш присутен.
Македонија моментално се наоѓа во полу-периферијата на системот. Таа има одредена диверзификација и специјализација на економијата, но многу ниско развиени – и доминирани од странски субјекти – сектори за истражување и развој, финансии, услуги и комуникација. Нејзините институции имаат одредена моќ, но се неефикасни, корумпирани и со слаб досег во одредени региони. Моментално таа е стабилна држава, но внатрешно-политичките, етничките и регионалните жаришта имаат потенцијал за брзо зовривање.
Нашата фундаметална цел треба да биде закотвување во клубот на држави во јадрото на системот. Тоа треба да го направиме преку длабока интеграција во политичките и безбедносни структури на западниот свет. Од нив засилено треба да бараме асистенција за развој на нашите институции и демократија, стратешки инвестиции и трансфер на технологија.
Во однос на економските односи, државата треба агресивно да бара начини за развој на својата економија и инфраструктура во соработка со секоја држава. Тоа значи излез на пазари, особено тие кои што се помалку развиените и неосвоени пазари, но со голем потенцијал за голем раст. Од друга страна значи и барање на финансии за изградба на стратешка инфраструктура, пристап до развиени образовни институции и наука.
Внатрешно, државата треба да гради свој моќен образовен, здравствен, енергетски, банкарски, осигурителен, судски, комуникациски и медиумски сектор, што ќе и донесе голема независност од надворешни фактори. Уште поважно ваков развој на нашата држава ќе и овозможи економско влијание и мека моќ, во регион кој што има сериозен дефицит на наведените работи.
Теорија за судир на цивилизациите
Оваа теорија на политикологот Samuel Huntington е исклучително важна за Балканот. Според неа, клучен извор за конфликти во XXI-иот век ќе бидат разните културолошки идентитети, а не фрикцијата меѓу државите или некоја идеологија. Главните зони на конфликт ќе бидат општествата каде што се судираат две цивилизации. Балканот е посебно интересен затоа што тука се судираат – не две – туку три цивилизации. Фрикцијата помеѓу овие три цивилизации е длабоката причина за трагичната историја на Балканот од XIX и XX, војните во Југославија и денешните тензии.
Првата овдеприсутна цивилизаија е Православниот Свет, кој е доминантно словенски. Тоа население е екстремно подложно на влијание од Русија која се јавува како носител на оваа цивилизација. Втората најголема цивилизација е Исламот, во под-формата на турскиот ислам. Во оваа група, припаѓа голем дел од албанското население и други етнички, вклучително и некои славофонски. Во оваа сфера најголемо влијание има Турција, но не треба да се исклучат и други играчи како Иран и богатите земји околку персискиот залив. Третата цивилизација, е Западната Цивилизација која што не е автохтона во регионот. На неа припаѓаат прогресивни сили од сите овдешни идентитетски групи. Тие бенефитот за својата група го гледаат во пресадување на западните вредности, институции и традиции во локалното општество.
Оваа поделба и денес претставува точка на тензија, не само меѓу етничките групи, туку и внатре во нив. Така, во Македонија гледаме одредени групации идеолошки подржани од Русија, кои што се декларираат како националисти и заштитници на православјето, а немаат проблем да прават алијанси со албански националиситчки групации, кои што имаат изразено исламска идеолошка матрица и се спонзорирани од Турција. Ваквата домашна динамика комбинирана со мешање на надворешни сили создава состојба на перманентна нестабилност.
Со цел регионот и државата да се извлечат од овој no mans land бирократска интеграција во Европската Унија и НАТО е само една од алатките. Тоа ќе го забрза интегрирањето на политичките, економските, и интелектуални елити во западниот свет, но како и досега голем дел од граѓаните ќе останат заробени во својот традиционален светоглед. Таквиот дуализам додатно ќе ги продлабочува постоечките јазови и е основа за уште поделба на оштеството. Затоа сите граѓани – па дури и (а можеби особено) тие од најизолираните места – мора да бидат вклучени во процесот на општествена интеграција во западот. За тоа е потребно на внатрешен план да се води безкомпромисна борба за рационална мисла, секуларна држава, поделба на власта, пазарна економија, идејата за приватна сопственост, еднаквоста на мажот и жената како и толеранција на разликите. Истовремено, оваа борба може да биде точка на обединување на сите етнички групи.
На колективно ниво, влијанието треба да се врши преку алатките за масовен пристап до населението и тоа: (1i) медиумите – кои треба да вклучат повеќе забавна и информативна содржина од западниот свет; и (2ii) образовниот систем – кој треба континуирано да ги воспитува младите на начин што ќе им вгради одреден сет на добри вредности и ќе им помогне „да излезат од Балканот.„ На индивидуално ниво, треба преку соработка со нашите партнери да бараме простор за патувања, школување и размени на нашите граѓани, со цел да видат како функционираат развиените општества. Од друга страна, треба што е можно повеќе да се ограничи идеолошката индоктринација од сили кои не се дел од оваа цивилизација. Таа доаѓа во голема мера преку медиумите, но исто така преку одредени структури во образованието и верските организации.
УШТЕ ЕДНА ТЕОРИЈА И КОНКРЕТНИ ОДНОСИ СО СВЕТСКИТЕ СИЛИ
Економскиот нобеловец Paul Krugman, својата теорија за предвидување на меѓународните трговски односи ја базира врз основа на начинот на функционирање на гравитационите сили на привлекување во сончевиот систем. Имено, силата на гравитација зависи од големината и одалеченоста помеѓу две тела како и нивната големина. Така на пример врз земјината топка влијае сонцето поради својата големина, но месечината поради својата близина. Така нашите односи со другите земји треба да се дефинираат и рангираат врз основа на нивната големината (читај: моќта) и нивната близината (читај: испреплетеноста на интересите). Врз основа на оваа теорија ќе треба да се определи типот и интензитетот на односите.
Соединети Американски Држави
Фундаменталната политика на САД на Балканот е да се спречи создавање на регионален хегемон – како што беше Југославија – кој што ќе може да води самостојна политика, како и зајакнување на влијанието на други сили во регионот. Македонија се јавува како клучен елемент во регионалната геополитичка архитектура. Но зошто е тоа така?
Американците многу добро разбираат што мислел големиот Otto von Bismarck кога рекол дека “тие што ја контролираат долината на реката Вардар се господари на Балканот. ” Само преку нашата територија е возможно копнено да се заобиколи Балкан Планина по двете оски: север-југ и исток запад. Тој што сака да патува од Централна Европа до Солун или од Јадранот до Истанбул мора да помине низ Македонија. Така, нарушување на територијалниот интегритет на Македонија, автоматски ќе значи нова балканска војна водена од стравот дека тој што ќе ја доминира Вардарската долина, потоа лесно може да ги доминира останатите три држави.
Една таква нестабилност ќе доведе до тоа регионалните држави да поканат трети сили како спонзори во нивниот напор да ги остварат своите цели и да надвладеат над нивните ривали.Со Тоа ќе го загрозат приматот на САД во регионот, а евентуален триумф на некоја од државите ќе значи и создавање на нов самостен хегемон. Се ова е фундаментално спротивно на Американската grand strategy. Затоа САД има огромен интерес од постоењето на Македонија, па уште од самата самостојност се јавува како спонзор на државата. САД во неколку наврати се јавува и како стабилизатор на домашните кризи кои претставуваа закана за интегиретот и мирот во земјата.
Нашите политички елити не го користат потенцијалот на ова неизбежно сојузништво. Нивната надворешна политика не е резултат на калкулиран интерес и јасна слика за реалноста, туку зависи од наследените догми, моменталните фрустрации или интереси на мали групи. Факт е дека САД е тежок и непредвидлив сојузник, но секој што знае барем малку историја може да увиди дека САД богато ги наградува своите лојални партнери.
Ова сојузништво треба пред се да го користиме како гарант на независноста и стабилноста на нашата држава, која е опколена со соседи кои не секогаш имаат најдобри намери. Тоа треба да не води пред се до креирање на доволно силна и модерно опремена армија која што ќе биде дел од пошироката структира на пред се билатерални сојузништва на САД. Но покрај безбедносни аспекти, САД треба биде и клучен елемент во нашата економска стратегија.
Имено, САД поради својот значителен ангажман во светот, во процесот на производството и делови за наоружување, храна, облека и опрема за војниците, како и бројни услуги за одржување на воените бази или реконструкција на држави и региони, вклучува “подизведувачи” од редот на своите сојузници. Покрај тоа, самото американското општество е полно со богати индивидуи, компании и приватни фондови. Тие не треба да се гледаат само како потенцијални инвеститори, туки и купувачи на нашите добра и услуги и посредници за влез на трети пазари. Последно, САД е најголем резервар на технологија и знаење, кое што – и ако во ограничена мера – го дели со нејзините сојузници од доверба.
За да ги оствариме овие приоритети мора да развиеме длабоки и повеќе слојни односи со САД. Од една страна, треба да развиеме инситутицонална соработка, па нашата соработка во регионот и меѓународните организации да ја користиме за добивање одредени повластици. Уште поважно од предходно наведеното е да ги зајакнуваме нашите односи со тамошното општество. Во тој дел клучна улога треба да игра нашата повеќе генерациска дијаспора во таа држава. Таа треба да биде централно организирана и подкрепена со ресурси, со цел да работи во насока на овозможување на бизнис и културни контакти. Особено важно е членовите на дијаспората да се поттикнуваат кон директно влегување во разините елити на САД. Креирањето на силен македонски идентитет во на тие заедници, во комбинација со нивните позиции во политички, еконоски, верски и друг смислол ќе има огромен бенефит за нашата држава.
Европска Унија
Европската Унија несомнено се наоѓа во бура од која што не може да се предвиди дали ќе излезе во форма каква што до сега ја познаваме. Таа декларативно има стратешки интерес на Балканот, но очигледно дека нема моќ да го спроведува. Сепак, таа останува клучен извор за влез на западните вредности во нашето општество, значителен фактор за развој на нашата физичка инфраструктура и институционални капацитети, подигање на степенот на образование и економски практики. Додатно, евентуалната полна интеграција во ЕУ, ќе ни даде столче на масите каде што се носат големи одлуки за целиот континент и гарантирани места во моќната бриселска бирократија.
Со оглед дека Европската Унија не е нација или општество туку бирократска структура, развојот на односите со неа можат да бидат едниствено преку нашата бирократска и политичка класа. Нашите институции мора да градат капацитети да ги впиваат бенефитите од европските фондови и програми. Со цел да развијат човечки и организациски ресурси за оваа цел треба да се изврши силна интервенција од јадрото на централната власт. Тоа може да се направи преку формирање тело со широки овластувања да работи со секоја институција на секое ниво на власта.
Политичката класа мора активно да ги следи развоите во Брисел, како и клучните формални и неформални актери и нивните интереси со цел да може вешто да маневрира во тамошните ходници на моќ. Треба да се знае дека мултилатералните европски средбви се место каде што може да се стапи во контакт со фактори со кои потешко би било да се организра билатерална комуникација. Ова е важно и со и без полна интеграција. Но особено во вториот случај, мора да бидеме подготвени да ги користиме клучни моменти, кога нашиот глас ќе биде неопходен за носење големи одлуки, со цел нашата согласност да ја менуваме за концесии во однос на нашите долгорочни геостратешки интереси.
Во наредниот текст повеќе за односите со одредени клучни земји членки.
Кина
Кина за нас претставува огромен извор на финансии за развој на нашата инфаструктура, пазар за нашите добра и услуги, извор за странски инвестиции и партнер за развој на нашето образование и технологија. Сепак, поради далечината и различната култура, односите со Кина може да бидат чисто економски и ретко политички или општествени. Додатно, не може да се замисли длабоко бирократскои или општествено вмрежување, па односите ќе се одвиваат преку политичките и бизнис елити и експерти за односи со Кина. Истовремено, Кина нема безбедносни или култоролошки амбиции, па односите со неа може да бидат само пријателски и ретко ќе водат до конфликт со нашите клучни геополитички интереси. Последно, доколку бидеме доволно брзи во развојот на нашите односи со Кина, можеме да бидеме точка за нивен контакт и со другите земји во регионот.
Со цел долгорочно да ги продлабочиме односите со Кина, треба да стимулираме што повеќе млади луѓе од бизнис и политичката класа да одат на долг престој во Кина. Тие ќе го учат тамошниот јазик, култура и политичка и економска структура. Но пред се, нашите идни лидери треба да се вмрежуваат со Кинеските елити, при што нашата држава треба да лобира за тоа. Потоа тие би требало да работат на одржување и продлабочување на односите кои што таму ги стекнале. Тие луѓе потоа ќе претставуваат мост меѓу нашата држава и регион и оваа супер сила. На краткорочен рок, нашата власт ќе треба да договори модуси за проширување на односите со Кина и истите да ги провира преку остварување на државни посети на највисоко ниво.
Русија
Просторот за соработка со Русија е доста ограничен. Долгорочнот развој на Русија е непредвидлив поради тоа што нејзината стабилност зависи од режимот држен од само еден човек, чиј што живот е ограничен. Додатно, нашите политики се во одредена мера спротивставени, посебно после триумфот на славофилската струја врз т.н. западнички во Кремлин. Имено, Русија е против проширувањето на НАТО, а во одредена мера и во тоа на ЕУ. Тоа е нејзин оправдан интерес, затоа што несомнено ширењето на овие организации води кон „опсада„ врз неа. Затоа таа има интерес да креира нестабилност во регионот што ќе го спречи ширењето на овие организации. Сепак, Русија може да биде пазар со одредено значење за Македонија, извор на знаење и техонлогија како и посредник за бизнис зделки во Централна Азија и Кавказот.
Затоа Македонија треба да има двострана врска со Русија. Од една страна треба да го филтрира политичкото влијанието кое може во одредени ситуации да се злоупотреби, а кое што Русија го врши пред се преку одредени медиуми, православната црква, одредени структури во универзитетите, како и неколку бизнисмени. Сепак од друга страна, Македонија треба да е отврена за економска соработка со Русија, како и користење на научните капацитети кои што оваа голема цивилизација може да ги понуди. Затоа во односите со Русија потребно е да има вмрежување пред се на економските елити, додека во однос на другите елити и населението односите треба да бидат порестриктивни.
НАЈАВА ЗА КРАЈОТ
После веќе три текста за темата меѓународни односи, со наредниот текст во кој ќе се дискутираат нашите конкретни односи со регионалните сили и нашите соседи темата ќе се затвори.
Авторот е магистер по меѓународно право и дипломатија, адвокат и консултант за стратегија и преговори.