Неправедно го отпуштиле, па сега не само што мора да го вратат на работа туку треба и да му исплатат 1.6 милиони евра

ИЗВОРСкопје24
|

Директор на француската подружница на агенцијата Moody’s, кој беше отпуштен поради напад врз помлада соработничка која ја критикуваше работата на неговиот тим, се врати на својата работа, а агенцијата мора да му исплати 1.6 милиони евра, односно 1.8 милиони долари.

Во март 2015 година, француската подружница на агенцијата Moody’s одлучи да му врачи отказ на директорот, откако интерната истрага на компанијата покажа дека тој недолично се однесувал кон аналитичарка која го критикувала и преиспитувала начинот на кој неговиот тим управува со фондот. Но, минатата недела Апелациониот суд во Париз одлучи да ја поништи одлуката за отказ, тврдејќи дека еден од наводите во тужбата е неоснован.

Судиите наредија директорот да се врати на работа во рок од еден месец, и тоа на годишна плата во износ од 282.000 евра. Покрај тоа, агенцијата е должна да му исплати еден милион евра на име на заостанати плати, бонус за 2014 година и 500.000 евра отштета. Директорот, чијшто идентитет е заштитен со одлуката на судот, ја изгубил претходната тужба пред првостепениот суд, но по поднесената жалба, судот одлучил во негова корист. Неговиот адвокат и претставниците од агенцијата Moody’s немаат коментар за пресудата, пренесува Bloomberg.

Инаку, банкарите низ цела Европа редовно им се обраќаат на специјализираните судови за трудово право со цел да ги надокнадат изгубените бонуси и нарушениот углед. Иако ваквите случаи се ретки, некои од обвинетите се повторно вработени на истата позиција.

Во конкретниот случај, агенцијата Moody’s го отпуштила директорот затоа што поднел негативен извештај за работата на аналитичарката која подоцна го тужи. Во извештајот било наведено дека аналитичарката вршела мобинг врз друга колешка. Во Moody’s застанале на страната на аналитичарката бидејќи сметале дека негативниот извештај претставува освета од страна на директорот. Но, дошло до пресврт. На судењето, свој исказ дала колешка на аналитичарката која ги потврдила наводите на директорот. Таа рече дека му се обратиле на директорот четири пати во период од шест месеци бидејќи аналитичарката се однесувала навредливо кон неа и нејзиното однесување било на граница на малтретирање. Судиите заклучија дека оваа изјава е повеќе од доволна за да се преиспита првичната одлука за разрешување на директорот, бидејќи според француското законодавство, вработените не може да бидат отпуштени поради приговор за вознемирување на работно место.

Агенцијата има право на жалба, а доколку го направи тоа случајот ќе заврши пред највисокиот француски суд.