Основачот на Amazon и најбогат човек во светот, Џеф Безос, по разводот од сопругата остана без 38,3 милијарди долари, објави Bloomberg.
Претходно Amazon објави дека 4 проценти од акциите би требало да бидат регистрирани на името на Мекензи Безос, откако судот ќе го одобри разводот.
Во заедничка изјава парот објави на Twitter дека ќе се разведе. Џеф Безос задржа удел од 12 проценти, вреден 114,8 милијарди долари и остана најбогатиот човек во светот, пренесува Bloomberg.
Мекензи вети дека половина од богатството ќе го даде во хуманитарни цели, за да се приклучи на кампањата Giving Pledge, која во 2010 година ја започнаа милијардерите Ворен Бафет и Бил Гејтс.
Сопругата му ги оставила и сите права на глас на нивните вкупни акции во компанијата. Документите за развод се предадени на судот и процедурата треба да заврши за околу 3 месеци. Мекензи исто така го оставила и својот удел во Washington Post, весник кој Безос го купи во 2013 година, како и во Blue Origin, компанија која се занимава со вселенско истражување.
Во јануари парот најави дека се разведува по 25 години брак. Кога разводот ќе биде готов, за околу 90 дена, Мекензи ќе има удел од 4 проценти во Amazon. Пред да се разделат Џеф Безос имаше удел од 16 проценти во Amazon, вреден над 140 милијарди долари.