Швајцарија е прогласена за најдобро место за работа и живот. Така, оваа мала европска земја од врвот на листата на HSBC го симна Сингапур кој го чуваше тој статус речиси пет години.
Високиот животен стандард, конкурентните плати, како и стабилната политичка и економска перспектива за државата, во голема мера и помогнаа на Швајцарија во ова време на глобална неизвесност да се искачи за 7 места, пренесува престижниот CNBC.
Со економската клима на земјата се задоволни дури 80 проценти од испитаниците, додека дури 86 проценти изразија задоволство од политичката ситуација.
Околу 82 проценти од луѓето кои се преселиле во Швајцарија поради работа се изјасниле дека нивниот животен стандард таму е подобар во однос на стандардот во нивната татковина.
Имено, дури седум од десет испитаници кои се преселиле во Швајцарија сега уживаат повисоко ниво на расположлиов доход со годишна просечна плата од 111.587 долари – многу повеќе од светскиот просек од 75.966 долари.
Со Швајцарија и Сингапур, на врвот на листата се наоѓаат Канада, Шпанија, Нов Зеланд, Австралија, Турција, Германија, Обединети Арапски Емирати и Виетнам.