Како што веќе најави УХМР, силно невреме беснее во Скопје, но и други градови низ Македонија.
Скопје, Дебар, Куманово се само дел од градовите каде има силен дожд, грмежи и ветер.
Управата за хидрометеоролошки работи на својата интернет страна објави предупредување во кое метеоролошите алармираат дека попладнево ќе се развијат услови за пороен дожд и грмежи. На места, процесите се очекува да бидат поинтензивни во форма на невреме со силен ветер, град и пообилни врнежи.
Доколку се јават интензивни врнежи, во градските населби каде не се одржува редовно атмосферската канализација и на места каде олуците од покривните површини директно се вклучени во фекалните канализации, поради малиот капацитет на канализационите цевки предвидени само за фекални води, можна е појава на зачепување на одредени шахти и појава на поплавување на незаштитените подрумски простории, особено во објектите кои се во пониските делови од населбите.
Кај подвозниците, каде нема соодветно одводнување или пак тоа не се одржува редовно, можна е појава на заезерување. Доколку нема редовно одржување и чистење на одводните улични шахти можна е појава на заезерување и на одредени улични правци.