Несреќата на Халкидики снимен од дрон – тажна слика по силното невреме

ИЗВОРСкопје24
|

Силното невреме кое го зафати полуостровот Халкидики предизвика хаос на неколку познати летувалишта. Во невремето животот го загубија 7 лица, а стотина се повредени.

Потпаролот на владата изјави дека за три општини на Халкидики ќе биде понудена помош за реконструкција. Шефот на грчката дипломатина Никос Коѕијас упати сочуство до семејствата на настраданите и порача на надлежните што порано да се утврдат штетите.

А ваква е сликата по невремето снимена од дрон:

Вчера во Грција беше прогласена вонредна состојба и над 100 спасители беа пратени на терен. Властите во Атина ја опишуваат бурата како непредвилив феномен, пренесе BBC.

На невремето му претходеа многу високи температури кои се искачуваа до 37 степени. Фотографиите од Халкидики покажуваат откорнати дрва, превртени автомобили и оштетени згради. Туристи раскажуваат дека биле на плажа кога ги затекнала бурата.

„Буквално дојде од никаде. Снема струја, беше хаос, луѓе почнаа да трчаат и да врискаат обидувајќи се да тргнат од плажата – вели британски турист.

Снабдувањето со електрична енергија во најпогодените места е прекинато, а во дел од ресортите нема ниту вода. Очевидци велат дека бурата траела само дваесетина минути, но дека била разорна.

Жена од Романија и нејзиното дете животот го загубиле откако врз нив паднал покривот од ресторанот каде се засолниле, додека маж од Русија и неговиот син од паднато дрво во близина на хотелот каде отседнале.

Каков редок феномен јa предизвика катастрофата на Халкидики?

Реткиот метеоролошки фенемен што го предизвика силното невреме на Халкидики веројатно се случува два пати во три години, вели универзитетскиот професор по метеорологија и климатологија Теодорос Каракостас, пренесува „Та неа“.

– Граѓаните најверојатно не виделе слично невреме, освен ако не се нашле претходно во таква ситуација. Но метеоролозите забележале вакви случаи – истакна Каракостас.

Тој посочи дека невремето дошло од регионот на Преспа.

– Оттаму почна нарушувањето во повисоките атмосферски слоеви. Многу студената воздушна маса се движела од север кон југ и се спуштила во Иматија и Пела. Во одредена фаза дошла до Солунскиот Залив, каде што морето е топло и има големо испарување и збогатување на воздушната маса. Така, студената воздушна маса од Преспа ја потиснала топлата воздушна маса, наведувајќи ја да се крене. Невремето потоа дополнително се засилило и движејќи се со голема брзина довело до несаканите последици – објаснува професорот на универзитетот „Аристотел“ во Солун.