Летниот период и топлото време придонесуваат да имаме поголем број труења со храна. Граѓаните треба да бидат максимално внимателни при купувањето.
Гостин во утринската програма на „Сител“ беше редовниот професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, Златко Пејковски, кој појасни како да избегнуваме да купуваме расипана храна и како треба да реагираме во дадени ситуации.
Како да направите разликата помеѓу домашното свежо и увозното замрзнато свинско месо
На македонскиот пазар се повеќе се нуди замрзнато увозно свинско месо за консумација во малопродажбата. Истото се нуди по багателни цени во споредба со домашното свежо. Дали сте сé запрашале зошто е тоа така и дали постои значајна разлика во квалитетот помеѓу нив!?
Доколку ги споредите според надворешниот изглед разликите помеѓу свежото домашно и смрзнатото увозно свинско месо се очигледни, но сепак покрај надворешниот изглед постојат и други значајни разлики.
Кога месото е свежо тоа e највкусно и најсочно и подготвено за готвење и консумација.
Увозното смрзнато свинско месо се нуди во нашите продавници, угостителски дуќани и малопродажбата (иако е исклучиво наменето за преработка) по период на подолго чување во ладилнците (од 3 до 6 месеци). За да го продадат како свежо, водени од желбата за заработка по секоја цена, за жал одредени оператори применуваат низа недозволиви постапки за да ова месо го пуштат во промет како свежо (триење со сода бикарбона за посветла боја, додавање на вода заради зголемување на специфичната тежина и.т.н).
Доколку сакате да јадете квалитетно свинско месо, одберете го свежото домашно месо, заради повисоката хранителна вредност и сочуваните хранливи состојки како и незаменливиот вкус.