Според календарот на МПЦ денес се слави Собор на Светите славни и сефални Апостоли
Иако секој од Светите големи Апостоли има свој посебен ден за празнување во годината, сепак овој ден Црквата го одреди како соборен празник на сите заедно, а со нив и Павле. Ова се имињата и деновите на посебното празнување на Дванаесеттемина: Петар – 29 јуни и 16 јануари; Андреј на 30 ноември; Јаков Заведеев на 30 април; Јован Богослов на 26 септември и на 8 мај; Филип на 14 ноември; Вартоломеј на 11 јуни и на 25 август; Тома на 6 октомври; Матеј евангелистот на 16 ноември; Јаков Алфеев на 9 октомври; Тадеј на 19 јуни; Симон Зилот на 10 мај; Матиј на 9 август; Павле на 29 јуни.
Да спомнеме уште за начините како секој од овие најсвети и најполезни луѓе во историјата на светот го заврши својот живот на земјата: Петар беше распнат на крст главечки; Андреј беше распнат; Јаков Заведеев го уб*ја со меч; Јован Богослов се упокои чудесно; Филип беше распнат на крст; Вартоломеј – распнат, па одран и за*лан; Тома беше избоден со пет копја; Матеј го изгореа во оган; Јаков Алфеев – распнат на крст; Тадеј – распнат; Симон Зилот – распнат; Матиј го каменуваа, па таков го расекоа со секира; Павле го уб*ја со меч.
Преподобен Петар, принц Ордински
По потекло Татарин, син на татарскиот цар Беркај. Словото за спасението го слушна од ростовскиот епископ Кирил и му се прилепи за срцето. Кога го виде чудесното исцелување на Беркаевиот син со помош на молитвата на истиот епископ Кирил, тајно ја остави Златната Орда и побегна во Ростов.
Тука се крсти и сиот се предаде на подвиг и изучување на благочестивата вера. Еднаш ноќеваше на езерски брег, а во сон му се јавија светите апостоли Петар и Павле и му наредија на тоа место да изгради црква ним посветена. За ова потребните пари ги доби од нив. Петар навистина изгради овде прекрасен храм во којшто и самиот на старост, по заминувањето на својата сопруга, се замонаши. Мирно се упокои во длабока старост, на 29 јуни 1290 година, а неговата црква стана манастир, по него наречен Петровски.