Сава пензија плус одбележува 10 години доброволно пензиско осигурување во Македонија

ИЗВОРСкопје24
|

Повеќе од 10 илјади членови и повеќе од 14 милиони евра средства под управување за 10 години работа на доброволниот пензиски фонд*. Друштвото за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови Сава пензиско друштво а.д. Скопје денес прославува 10 години од извршената прва уплата во Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус. Сава пензија плус е прв формиран доброволен пензиски фонд во Република Северна Македонија, со дозвола за управување добиена во 2009 година. Првата уплата на доброволен пензиски придонес била реализирана пред точно 10 години на 15.07.2009 година. Доброволното пензиско осигурување кое го нуди Сава пензиско друштво а.д. Скопје за индивидуално членување и професионално членување преку компании, е високо регулиран финансиски производ на пазарот кој овозможува долгорочно штедење на средства за дополнување на идната пензија. Штедењето во доброволен пензиски фонд или таканаречен трет пензиски столб е дополнително стимулирано од државата преку даночни бенефиции. Во текот на овие 10 години работење 10.308 членови* искажаа доверба дел од своите заштеди да ги вложат во доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус. Нивните заштедени пари заедно со остварениот принос од вложувањата достигнаа нето вредност 859,36 милиони денари*. Од Сава пензиско друштво а.д. Скопје се особено горди на постигнатиот просечен годишен принос* остварен од инвестирање на средствата уплатени од страна на членовите за минатите седум години (од 30.06.2012 до 30.06.2019) кој изнесува 6,38% номинален**, односно 5,47% реален**. „Досегашниот остварен принос е резултат на соодветно поставената Стратегија за инвестирање која се реализира преку избор на квалитетни финансиски инструменти и напредни техники на управување со портфолио и управуање со ризици од страна на нашиот стручен тим на професионалци. Средствата на пензискиот фонд, покрај во домашни обврзници и депозити во домашни банки се инвестирани во квалитетни странски и домашни компании со добри долгорочни перспективи, висока профитабилност и солидни дивидендни приноси. Визијата на Сава пензиско друштво а.д. Скопје е да биде препознаено по грижата за своите членови, транспарентноста и високите морални вредности, како и по својата активна улога во одржливоста на пензискиот систем, човечката околина и општеството во целина.“ по повод јубилејот изјави г-ѓа Мира Шекутковска, Претседател на Управниот одбор на Сава пензиско друштво а.д. Скопје.