Владата денеска ја усвои програмата за реализацијата на средствата предвидени во буџетот на Министерството за култура за 2019 година за капитални инвестиции во единиците на локалната самоуправа.
Програмата е со буџет од 117,5 милиони денари и, меѓу другото, ќе бидат алоцирани во проектите како што се Реконструкција со доградба и надградба на конгресен центар Универзална сала – Скопје, Изградба на спомен-обележјето на Тоше Проески, изградба на дом на култура во општина Боговиње, реконструкција и адаптација на културен центар „Шота“ с. Неготино, општина Врапчиште, за ентериерно уредување на објектот „Кино Манаки“ – Битола, и други капитални проекти во културата во единиците на локалната самоуправа.
Инаку, идејното решение за изградба на вечното почивалиште на Тоше Проески е готово. Општина Крушево избра идејно решение за уредување на гробното место на Тоше Проески. Со тоа е откочена процедурата за изградба на достојно почивалиште на музичката ѕвезда, 12 години по неговото заминување.
Следните фотографии го прикажуваат идејното решение од неколку агли, а ги добија од „360 степени“ по барање упатено до општината.
Автор на идејното решение е Жарко Чаушевски, кој бил и единствениот пријавен на конкурсот. Истиот автор победи на конкурсот за уредување на гробот на Проески и пред неколку години, но таа идеја не се реализираше. Меѓу другото, затоа што објектот беше и поголем и поскап. Како што открија прислушуваните разговори, проектот бил и предмет на политички калкулации на тогашната власт на централно ниво.
Чаушевски и е познат на македонската јавност по неколку идејни решенија за објекти што се дел од проектот „Скопје 2014“, меѓу кои – новата фасада на Владата и преслекувањето на ГТЦ во барок (што не се реализираше).
За изгледот и содржините на идејното решение за почивалиштето на Тоше Проески било консултирано и неговото семејство. Но, сега се потребни пари. Од општина Крушево проценуваат дека изградбата ќе чини околу 150 илјади евра, средства за кои веќе аплицирале до Министерството за култура.
„Според конкурсот на Министерството за култура, за користење на капитални дотации за финансирање капитални ивнестициски проекти од областа на културата, Владата на Република Северна Македонија до 30 јуни ќе ги добие предлог-проектите за финансирање, во кои спаѓа и гробното место на Тоше Проески. До 15 декември ќе се реализираат финансираните проекти, повторно според повикот на Министерството“, вели Сотир Габелоски, задолжен за односи со јавност во Општина Крушево.
Тој се надева дека годинава ќе се започне со уредување на вечното почивалиште на Тоше.
„Настрана тоа што аплициравме и минатата година, годинава повторно аплициравме за сегашниот повик на Министерството за култура. Очекуваме да ни ја одобрат бараната сума. До тогаш проектот ќе биде изработен и веднаш ќе можеме да започнеме со реализација. Сега постапката е во фаза на изработка на основен проект“ , додава Габелоски.
Според него, иако беше најавувано, минатата година не започнала изградбата на спомен-обележјето поради комплицираната бирократска процедура за пренос на ингеренциите од централната на локалната власт. Таа постапка, вели Габелоски, сега е завршена.
Додека траат овие процедури, гробот на Тоше и натаму е во истата состојба – ограден со пластика и поплочен со бекатонски коцки што пропаѓаат. Сепак, неговите почитувачи кои често го посетуваат Крушево, велат дека, иако е во лоша состојба, местото е полно со љубов и спомени за Тоше.