Водопадите на Македонија: Места со волшебна убавина

ИЗВОРСкопје24
|

Водопадите се едни од најфасцинантните природни убавини, кои природата најчесто ги крие од очите на јавноста.

Македонија крие многу природни убавини, кои изгледаат како места од бајките. Во оваа магија спаѓаат и водопадите, едни од најфасцинантните природни убавини, кои природата најчесто ги крие од очите на јавноста.

Сипковски водопади – Пехчево


Овие седум водопади се сместени во густата борова и букова шума во пехчевскиот дел на Малешевските Планини кај изворите на Брегалница. Само два од нив и припаѓаат на Брегалница, а другите пет се наоѓаат на нејзините притоки Црн Дол, Жолтачка Река и Сипковски Андак. Водопадите се лоцирани во месноста Валевичка Река, а до нив се изградени пешачки патеки кои ги сечат рекичките со малечки мовчиња, патокази, дрвени колиби и клупи за посетителите.

Водопад Длабока Река – Кораб


Кањонот на Длабока Река влегува во составот на национален парк „Маврово“ и во 1952 година е прогласен за строго заштитено подрачје. Изворите на Длабока Река се наоѓаат на околу 2500 метри надморска висина, веднаш под врвот Мал Кораб, а во горниот тек на реката е формиран прекрасен водопад, кој со висина од околу 130 метри, е највисок во Македонија. Најдобриот период за посета е во текот на месеците јуни и јули, тогаш снегот не претставува голема пречка, а поради неговото топење, водопадот има најмногу вода. Патеката до водопадот оди по течението на реката, претежно низ шумски предел со импровизирани премини преку реката.

Водопади на Ѓеневица


Највеличествен дел на реката Ѓеневица, која е утока на Радика, претставува најзиниот кањон, кој не е целосно пристапен, заради тешкиот терен. Картсната област Езериште e поле со група на мали езерца во северозападниот дел на планината Бистра, неколку километри северно од Галичник. Иако се наоѓаат на релативно голема надморска височина (на околу 1900 метри), овие езерца според настанокот не се глацијални туку карстни, што ги прави единствени и ретки, бидејќи карстните предели се водопропустливи.

Дуфски водопади


Дуфските водопади, кои се наоѓаат на територија на Реканскиот регион, припаѓаат на Националниот парк „Маврово“. Карактеристична за нив е блескавата вода што паѓа од недогледните карпи во височините.

Колешински Водопади


Колешинскиот водопад е еден од највисоките водопади во Македонија, лоциран во југоисточниот дел на Република Македонија, во пазувите на планината Беласица, со просечна височина од 15 метри, а широчина на падот околу 6 метри. Овој водопад претставува неизбежна туристична атракција во Струмичкиот Регион.

Смоларски Водопади


Смоларскиот водопад се наоѓа на северните падини на планината Беласица, во долниот тек на Смоларска река. На дното од водопадот формиран е „џиновски лонец“, чија должина во правец на течењето на речната вода изнесува 5 метри, широчината е 11 метри, а длабочината се движи од 0,5 до 0,7 метри.

Водопади на Беловишка Река


Беловишка Река извира од подножјето на Пирибег, врв на западниот дел од Шар Планина. Водите на реката ги формираат трите водопади – Горна Скала, Долна Скала и Петочко Водиче. Третиот и најнискиот водопад локалното население го нарекува уште и Враживир. Водите се спуштаат по речиси непроодниот кањон до тетовското село Беловиште. Оваа ретка природна убавина може да се види на простор од два километра, во вкупна должина од 150 метри.