Денеска е спомен на Светиот свештеномаченик Панкратиј, епископ Тавромениски: Чудотворец за Црквата и луѓето!

ИЗВОРСкопје24
|

Овој Светител беше роден во Антиохија во времето кога Господ Исус одеше како човек меѓу луѓето на земјата. Штом слушнаа за чудата Христови, родителите на Панкратиј посакаа да Го видат чудотворецот Господ. И заедно со Панкратиј дојдоа во Јерусалим, каде што Го видоа Исус, ги слушнаа Неговите зборови и ги видоа чудата Негови. Панкратиј овде се запозна со светиот апостол Петар. По вознесението на Господ родителите и синот се крстија во Антиохија. Панкратиј се повлече во некоја пештера во Понт, кај што го најде апостолот Петар, па во договор со Светиот апостол Павле го постави за Тавромениски епископ во Сицилија. Во овој град свети Панкратиј изврши големи чуда, ги разори идолите, ги крсти некрстените а ги утврди крстените, и добро управуваше со Божјата Црква.

Некој незнабожен војвода Аквилин, чу дека сиот град Тавромен стана христијански, па тргна со војска на овој град за да го разурне. Свети Панкратиј ги охрабри верните да не се исплашат, а самиот со клирот излезе надвор од градот носејќи го во рацете непобедливото оружје, чесниот крст. Кога војската се приближи до градот, на неа падна некоја темнина и ја обзеде голем страв. Настана голема врева, а напаѓачите се навртеа еден против друг и се избодоа и се исекоа со сабјите.

Така го спаси градот и своето стадо со силата на својата молитва пред Господ Божјиот угодник Панкратиј. Најпосле беше погу*ен со камења од некои завидливи и злобни незнабошци и се упокои во Господ. Неговите Свети мошти почиваат во Рим.

Светиот свештеномаченик Кирил, епископ Гортински на Крит

Како старец од осумдесет и четири години беше мачен за Христа за време на царувањето на Декиј. Го фрлија во оган, но по Божја Промисла беше спасен. Тогаш судијата му изрече ваква пресуда: „Кирил, изведениот од оган, праведниот суд не може да го трпи меѓу живите, затоа наредувам да се у*ие со меч“.

Преподобните маченици Патермутиј и Коприј

Обајцата беа Мисирци. Мачени од царот Јулијан Отстапник. Првиот имаше седумдесет и пет години, вториот четириесет и пет. Царот успеа да го одврати Коприј од Христовата вера и да го приклони кон идолите. Коприј извика: „На Јулијан му припаѓам, не на Христа!“ Но старецот Патермутиј го укори и му спомна за вечните маки, а Коприј се сепна, па извика пред царот:„Му припаѓам на Христос, а не на Јулијан!“ На обајцата им ги отсекоа главите со меч. Со нив пострада и Александар, еден од војниците на царот, којшто гледајќи ја нивната храброст во страдањето и самиот стана христијанин. Чесно пострадаа за Христа и кај Него заминаа во 361 година.

Свети Теодор, епископ Едески и другите со него

Во својата дваесетта година се замонаши и како монах помина триесет и шест години. Тогаш, во времето на царувањето на Михаил и Теодора, беше избран за епископ Едески. Се упокои во 848 година. Со него се спомнуваат и неговиот учител свети Теодосиј столпник Сирски, неговиот брат свети Јован и свети Адер, благородник и богаташ, којшто побегна од жена си и се замонаши.