Најден вториот мобилен телефон на Катица Јанева, но не во Белград

ИЗВОРСкопје24
|

Обвинителството вчера го пронајде вториот мобилен телефон на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, за кој таа велеше дека ѝ е изгубен. Телефонот бил пронајден кај друго лице кое рекло дека го добило на подарок.

„Обвинителството со издадено барање до мобилните оператори за следење на IMEI- меѓународен идентитет на мобилна опрема на телефонот, го пронајде мобилниот телефон кај друго лице. По што, со наредба на судија на претходна постапка телефонот е одземен. Притоа лицето изјави дека телефонот е добиен на подарок“, велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Мобилниот телефон ќе биде предаден на вештачење, а истовремено Обвинителството испитува дали вториот мобилен телефон бил средство на СЈО.

Вчера во рамки на истрагата за противзаконито влијание и перење пари, Обвинителството за организиран криминал и корупција го доби извештајот од вештачењето на мобилниот телефон на Јанева кој ѝ беше одземен за да се испита евентуална поврзаност на специјалната обвинителка во случајот „Рекет“ во кој се осомничени Зоран Милевски – Кичеец и Бојан Јовановски – Боки 13. И двајцата се во притвор од минатиот понеделник, 15 јули.

На денешната владина седница инаку на предлог на Министерството за правда ќе биде разгледан Предлог – законот за јавното обвинителство, како и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, соопштија утринава од Владата.

Како што претходно најави премиерот, Зоран Заев, новиот предлог Закон за јавно обвинителство предвидува интегрирање на СЈО во Обвинителството за организиран криминал и корупција, што го води обвинителката Вилма Русковска. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера најавија дека ќе бараат нов состав на Советот за јавни обвинители, кој ќе избере нов шеф на ова Обвинителство.

Од Владата информираат дека на денешната 146-та седница ќе биде разгледана Информација за започнување постапка за воспоставување на јавно приватно партнерство за реконструкција на МХЕЦ „Глажња” и МХЕЦ „Липково”.

Од таму додаваат дека на предлог на Министерството за внатрешни работи за оваа седница доаѓа Информацијата во врска со потребата од спроведување процес на проверка (ветинг) на вработените во Министерството за внатрешни работи во Република Северна Македонија.