Македонскиот актер Лазе Бараков денеска на Фејсбук со трогателна порака се прости од својот колега и пријател, Гоце Влахов кој го напушти овој свет денеска на 70. годишна возраст.
„Брат, жалосно но вистинито, не успеавме за последно да се испонаприкажеме, замина без збогум во ова проклето време…Почивај во мир мој скап другар и соборец во нашите заеднички премрежија. Твојата добрина и ведрина е неизбришива од нашите срца…“ напиша на својот профил актерот Лазар Бараков по веста за заминувањето на Гоце Влахов.
Двајцата учествуваа во многубројни епизоди од Македонските народни приказни.
И многу други негови колеги и пријатели се простија од легендарниот актер:
– Си замина еден од најзгодните фраери на македонското глумиште. Си замина човекот кој ми подаде рака тогаш, кога ми беше најпотребна. Заедно поминавме илјадници километри и изигравме стотици детски претстави низ секое селце и град во Македонија. Не ми беше само колега, станавме семејство. Се сакавме, се каравме, но бескрајно се почитувавме. Секогаш имаше топол збор за охрабрување и утеха. Ќе недостигаш.. Многу.. Нека ти е светло кралу мој, напиша актерката Марина Поп Панкова.
На социјалните мрежи се огласија и неговата сопруга и ќерката и ја открија причината за неговото заминување. Гоце боледувал од болеста на денешницата, со кој храбро живеел шест години, но за жал, ја загуби битката денеска.
„Почитувани пријатели и фанови на актерот Гоце Влахов,
Со длабока болка и тага соопштуваме дека Гоце почина денес после храбра шест годишна борба со р*к. За оние кои сакаат да му оддадат почит, погребот ќе се одржи на 30.07 (вторник) во 11 часот во капелата во Бутел“, стои во соопштението од семејството.
Гоце Влахов беше еден од големите актери во Македонија. Познат е по улогите во легендарните Македонски народни приказни, Во светот на бајките, Опстанок, Тврдокорни, Погрешно време, Сенки, Мајки, Бунило, Трст виа Скопје, Климент Охридски, Оловна бригада, Јуначко Колено… Беше роден на 12 мај 1949 година.