Денеска православните верници го одбележуваат празникот на света великомаченичка Марина, во народот познат како Огнена Марија, која се почитува како борец за христијанската вера и заштитничка на жените.
Според народното верување, Света Марина пали и казнува со оган и како и Свети Илија кој казнува со гром, спаѓа во огнени светци.
Иако овој празник на црквата во календарот не е означен со “црвена буква”, но сепак е многу почитуван во црквата и меѓу народот.
Оваа Марина се роди во незнабожечки дом во Антиохија Писидиска. Со христијанството се запозна и се крсти на свои 12 години, по што доживеа да биде презрена од сопствените родители. Во времето на Диоклецијан, Олимвриј, царскиот намесник во Антиохија, кога слушна дека света Марина е христијанка, а пленет од нејзината убавина, првин сакаше таа да му биде жена. Кога таа одби, ја изведе на суд по секој пропис како христијанка. Света Марина беше цели два дена подложена на мачење и најпосле обезглавена. Поголем дел од нејзините мошти се наоѓаат во манастирот Света Марина, во областа Мала Преспа (македонските села во Албанија), каде се уште се случуваат чуда над нејзините мошти.
Светата великомаченица Марина е родена во Антиохија и е ќерка на жрец-идолопоклоник. На 15 (според други на 16 годишна возраст) по свирепо мачење ѝ била отсечена главата, околу 270 година. Тогаш се убиени и 15000 луѓе што поверувале во Исус Христос и ја прифатиле неговата вера кога на небото виделе знак додека била мачена светата великомаченица Марина. За спомен на нејзините страдања Светата православна црква нејзиниот ден го празнува на 30/17 јули. Во народот е позната како Огнена Марија и е господарка на оганот, но и покровител на сеидбите кои ги чува од поројни дождови и пожари.
Ако на денот на Огнена Марија, светкаат молњи и се слушаат грмотевици, тоа се смета за лош знак и голема казна. Се смета дека оваа светителка добро знае кој е грешен, па тој ден сите добиваат сите по заслуга.
Жените посебно го празнуваат денот на Огнена Марија, па на овој ден домашните работи се сведени на минимун. Задолжително е одењето во црква и молитва пред иконата на Свети великомаченичка Марина.
Обичај е да на овој празник, кога поради големата жештина гори и небото и земјата, ништо да не се работи.
Во преданијата има примери за оган и громови кои во врелите празнични денови го палеле житото, сеното и домовите на луѓето кои работеле на овој празник.
Како што може да се види во народното верување сиве овие три дена се поврзани со оган. Името на Кирик во некои краишта според дијалектниот говор е блиско до чурук-чуруци (народен назив на овој празник), во Антиноген, исто така, имаме асоцијација на оган, а и светата великомаченица Марина народот ја вика Огнена Марија. И не случајно овие три дена во народниот календар и во народното сфаќање одат заедно, под едно име Горештици (од горештина ‒ многу топло) или Чуруци (од чур, чад-оган), бидејќи и во народното верување бројот три има посебно значајно место.