Како денес се сеќавам, дедо ми ја зеде главата и рече: „А бе ова не е брат ми! Тој имаше мало главче“, раскажува Трајко Карев, внук на војводата Никола Карев
Сведоштво од семејството — Како по*ина војводата Никола Карев
Мојот дом се наоѓа наспроти куќата каде што се родил Никола Карев. Тука, на 20-30-50 метри сме сите од фамилијата Кареви, вели Трајко Карев, 72-годишен пензионер и еден од внуците на Никола Kарев, првиот претседател на Крушевската Република.
Чичко Трајко е жива енциклопедија за Илинденското востание. Приказните ги слушал директно од својот дедо Петруш, и самиот Илиндендец и постар брат на војводата Никола Карев.
– Кога сакав да градам куќа, ми даваа земја на периферијата. Јас сакав да бидам блиску до фамилијата, ама за тоа парче бараа многу повеќе и не можев да си го дозволам. Така, на еден состанок на градот, претседателот праша: Дали да му се даде името на внукот на Никола Карев? Сите одборници кренаа рака, освен еден, кој спореше. Тој покажуваше некои документи, сакал таму да гради нешто за да работи. Но, откако сите ме поддржаа, тој налутен, со документот в рака, си замина. Така го добив местото за помала сума и ја направив куќата и сум блиску до фамилијата – раскажува тој.
Денес е пензионер. Го исполнува чувството на задоволство кога денес шета низ Крушево и забелeжува дека сите во градот го почитуваат. Го поздравуваат и млади и постари.
– Порано семејството беше големо, денес се останати помалку Кареви – вели чичко Трајко.
Судбината на помалиот брат, Ѓорѓи Карев
Трајко е син на Никола Карев, едно од многуте деца на Петруш, постариот брат на војводата Никола Карев. Биле пет деца, браќата Петруш, Никола и Ѓорѓи и сестрите Тана и Дина.
– Татко ми замина на 40 години, доби воспаление на белите дробови. Немаше многу лекари во тоа време. Јас од 7 до 15 години спиев со дедо ми Петруш. Тој имаше 20 деца, сите со една жена, Донка од Мијачијата. Сите велат, беше многу добра и тивка жена. Сите деца формирале фамилии, се мажеле, женеле, заминувале. Низ времето 14 од нив изум*еле. Денес не сме многу останати. Петруш бил организатор за сè во фамилијата. Општо речено, сите во фамилијата Кареви биле револуционери. Нашето семејство дало осум жртви за слободата што ја живееме денес – вели чичко Трајко.
Петруш бил роден во 1869 година и бил осум години постар од Никола. Но го надживеал и Илинденското востание и двете светски војни и го напуштил овој свет во 1962 година, на 96 години.
– Но, кога дојде комунизмот, после 1946 година, дојде тешко време на семејството Кареви. Многу мака виделе. Помалиот брат, Ѓорѓи Карев го затвориле од немај-каде, без никаква причин. Бил во затвор во Идризово, пет години. Издржал сè. По пет години во семејството стигнала вест дека за седум дена ќе го пуштат. Дури жена му спремила алишта, му ги пратиле за да патува до дома. Чекале, ама никој не дошол. Тогаш некој познаник кој работел во милицијата, скришум, да не го дознаат, им кажал да не го чекаат. Дека бил тешко мачен и уб*ен во ќелијата. Децата негови биле да го бараат во Идризово. И ден-денес не се знае каде е закопан – ја раскажува тој судбината на помалиот брат на Никола Карев.
Ова не се коските на Никола Карев!
Кон крајот на април 1905 година, кога Никола Карев со 25-те придружници се бореле 24-часа со аскерот кај кочанското село Рајчани, снемале муниција и оружје. За да не паднат живи во рецете на непријателот тој и останатите осуммина соборци активирале бомба.
– Заг*натите комити ги закопал некој Тозо. Многу години подоцна (1953 година н.з.) во Крушево се организираше свечена манифестација – се носеа коските на Никола Карев во родниот град. Бев дете, но се сеќавам убаво. Секој даде што имаше дома за да се направи ручек за гостите. Пред влезот во градот имаше музика, а четворица Илинденци на рамена го носеа саркофагот со коските. Народ вриеше. Дедо Петруш купи локум и раздаваше за душата на брат му. Сестра им Тана, стави казанче со топла вода и со сапун ги миеше коските. Бевме јас, таа и дедо ми. Како денес се сеќавам, дедо ми ја зеде главата и рече:
„А бе ова не е брат ми! Тој имаше мало главче“. Ја зеде левата рака и додаде: „На Никола левата рака му беше подебела, од бичење дрво и не можеше убаво да ја исправи“. Настана големо несогласување. Тогаш се појави чичко Тозо и рече: „Јас знам каде е закопан Никола Карев!“. И навистина, така се случи. Отидоа луѓе, го откопаа, повторно го донесоа, и дедо ми кога го виде, навистина левата рака подебела од десната и рече: „Ова е брат ми!“ – раскажува Трајко.
Така посмртните останки на Никола Карев стигнале во неговото родното место. Потоа биле положени во споменикот „Илинден“ , во бакарно сандаче. И тогаш имало видни гости од Скопје, од секаде.
– Сите велеа, овде е погребан Никола Карев, првиот претседаел на Крушевската Република. Тогаш ги видов коските, беа скоро изронети. Дедо ми Петруш доживеа длабока старост, почина на 96 години. Секогаш ми ги повторуваше зборовите што му ги кажувал, брат му, Никола: „Петруш, ние од Турчинот ќе се ослободиме, ама потоа кој знае кој ќе не заземе?!“. И имал право – вели чичко Трајко.
Го обезбедувал Тито
Трајко Карев се пензионирал како возач. Возел автобус 15 години, а потоа шлепер уште 20 години.
– Каде сè не сум бил. Техеран, Багдад, Милано, Торино, Москва, дури до Ростов на Дон. Имам извозено повеќе од 3 милиони километри низ светов – раскажува тој.
Воен рок служел во Бар – три месеци во пешадија, па добил прекоманда во Пула, на Истра, во воена полиција.
– Ми дадоа да возам мотор од 750 кубика. Па на Бриони, бев дел од обезбедувањето на Јосип Броз Тито, кога Индира Ганди му беше на посета. Додека бев на отсуство, добив одлика дека сум одличен полицаец, па ме викнаа да останам и да работам како милицаец.
Татко ми беше поч*нат, јас бев со мајка ми, брат ми и сестра ми. Ја прашав мајка, што мисли за идејата да останам на служба, таа ми рече: „Сине, како ќе ти каже умот, така прави“. И тука ми нудеа да бидам милиционер, ама си реков, душава ми е блага, не можам да се замерувам со никого. И така станав возач. Бидејќи имав бенефициран стаж, се пензионирав на 57 години. Денес имам 72 години, имам син, Никола и ќерка Ивона и убав ми е животот, навистина. Син ми е шумарски техничар, докажан во својата работа. Ниту еден претпоставен не се пожалил на него. Има и внук, го носи моето име, Трајче Карев, студира во Скопје. И син ми и снаа ми ме гледаат многу убаво, повеќе од очите. Навистина ми е солиден животот – раскажува чичко Трајко.
На крај гордо додава: – Јас сум Трајко Карев, ми е чест и задоволство и голема величенственост што го носам презимето на мојот дедо, Никола Карев!