Клима уредите се вклучени на максимум – топлото време резултираше со зголемена потрошувачка на електрична енергија. Цената засега останува по старо, а домаќинствата остануваат под ЕВН иако пазарот е либерализиран.
Зголемена потрошувачката на струја
Високите температури ја зголемија потребата за електрична енергија. Во јули 2019-та во споредба со истиот месец од 2018-та домаќинствата потрошиле повеќе струја, а рекордот бил достигнат на 3 јули кога за еден ден биле потрошени дури 15.295 мегават часови што е близу до летниот рекорд од 11 јули 2017-та кога биле потрошени 15.478 мегават часови.
„Повисоките температури резултираа со поголема потрошувачка. Најмногу струја се троши во скопскиот регион што е и очекувано со оглед на бројот на жители“ велат од ЕВН Македонија.
И покрај зголемената потрошувачка на струја, системот е стабилен, велат од компанијата. Помали проблеми кои можат брзо да се решат, можат да се случат при нагли временски промени, дежурни екипи има постојано на терен.
Цената на струјата останува непроменета
Цената на струјата засега останува иста. На 1 јули Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) одлучи да не направи промени.
Цената на киловат час е 5.54 денари во скапа тарифа и 2.78 денари во евтина тарифа. Оние кои немаат двотарифни броила пралќаат по 4.44 денари.
Цената на електричната енергија е зголемена на регионалниот пазар на РКЕ одлучи да не направи промена на домашниот поради рентабилното работење на државната ЕЛЕМ (по ново ЕСМ) која за универзалниот снабдувач ЕВН веќе ги обезбеди потребните количини струја и тоа по цена од 34.5 евра за мегават час што е за 15% помалку од лани.
Џабе либерализација – домаќинствата остануваат под ЕВН
Иако пазарот на струја е либерализиран на домаќинствата засега не им се исплатува да го променат универзалниот снабдувач ЕВН кој за оваа намена ја формираше компанијата ЕВН Хоум.
Слободниот пазар целосно ќе профункционира ако се преполови цената на регионалниот пазар. Дури тогаш на граѓаните ќе им се исплати самите да купуваат струја, а не да чекаат на универзалниот снабдувач. Од регулаторната комисија за енергетика не наведуваат дали или кога тоа ќе се случи. Дури кога ќе се создадат услови, снабдувачите ќе почнеле да им нудат поволни пакети на домаќинствата.
„Кога на цената од четири денари за киловат час ќе се додаде трошокот за мрежарина, дистрибуција и пренос, кој е фиксен и изнесува околу два денара, вкупниот трошок би бил приближно шест денари за киловат час. Во овој момент цената која ја плаќаат домаќинствата на регулираниот пазар е 4.5 до 4.6 денари за киловат час, а за да им биде исплатливо да излезат на слободниот пазар цената на регионалниот пазар треба да биде околу 2.5 денари за киловат час“ изјави неодамна Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Целиот текст прочитајте го ТУКА.