Дедо ми со една плата градел куќа, купувал мебел, школувал – а што можам јас со мојата?

ИЗВОРСкопје24
|

Секогаш сум сакал да ги слушам приказните на дедо. Уште како мал, но дури сега ја сфаќам тежината на она што тој сакаше да го каже. На она што тој го доживеал, што доживеала баба ми. Уште тогаш пред речиси 50 години, бил силен, цврст и решителен.

Живееле во планинско село. Биле тројца браќа. Дедо ми бил најмалиот. Сите се ожениле им се родиле деца. Соби посебни имале само за спиење. Инаку преку ден сите седеле во една. Немало место за сите за да седнат на кревет, седеле и на под. Дедо ми, работел градежништво. Велеше дека секој денар кој го заработувал, го давал дома, на татко му. А после му се молел… И така тој решителен, се одлучил да стави крај на таквиот живот. Си излегле од село, заедно со баба ми и со трите деца. Живееле под кирија. Во меѓувреме купиле плац, од парите кои ги криел, и не ги давал на татко му. Преку ден работел во фирма, а попладне дома си ја правел куќата. Направиле една соба купиле нешто од мебел и веднаш се вселиле. И до последен ден тој беше жртва за својот дом. Со една плата, градел куќа, купувал мебел. Школувал деца, им правел свадби. Се, со една плата.

Дедо ми, никогаш не се жалеше. До последен ден, беше човек кој работи. Како знам за себе, тој цело време работи нешто околу куќата.

И знам, не само мојот дедо, сите во тоа време. Имале тежок живот, но сите станале самостојни. Граделе домови. Дедо ми, тоа го направил на возраст од 25 години. Јас имам 35 години денеска. Знаете што имам на мое име? Ништо. И мобилниот телефон ми е пријавен на името на татко ми. Имам плата од 15.000 денари. Да градам дом? Да купувам плац? Или пак автомобил? Не, другари. Не можам ништо. Се уште живеам во куќата која што градел дедо ми. Живеам во заедница со родителите. И ќе живеам уште долго време така.

Извор: Скопје инфо