Многу топлото време со температури и над 40 степени ќе се задржи до средината на наредната недела.
Од УХМР информираат дека утре времето ќе биде многу топло со зголемена облачност во текот на денот и со услови за краткотраен локален дожд во источните делови. Потоа до среда ќе се задржи сончево и многу топло време. Максималната температура во наредните денови ќе достигне до 41 степен.
Ќе биде активирана жолта, а во некои подрачја и портокалово ниво за опасност од високи температури и УВ зрачење, информираат од УХМР.
Надлежните апелираат, поради најавените високи температури, да се почитуваат препораките за заштита, не само за неизложување на директно сончево зрачење, туку и за внимателно консумирање храна, правилно однесување при движење на отворено и во природа, како и правилен третман на домашните, фармски животни.