Една група на загрозен вид берберски макаки мајмуни ги импресионирала научниците кога прифатила повредено мајмунче од друга група.
Во досега незабележаниот пример на грижа и пружање на утеха на непознатото мајмунче, кое научниците го нарекле Пипо, мајмуните од другата група му пришле, започнале да го чистат и внимателно го чувале 4 месеци сè додека во целост не закрепнало.
Приказната за Пипо буди нова надеж за зачувување на загрозените видови бидејќи тоа значи дека животните би можеле да прифатат било која група. Научници од универзитетот Оксфорд и Меѓународниот фонд за благосостојба на животните (IFAW) ги снимала животните и ги објавила фотографиите во магазинот “Primates”.
3-годишниот Пипо останал тешко повреден кога го удрил автомобил. Неговото матично семејство во Националниот парк Ифран, во Мароко, го отфрлило и тој останал сам. За среќа, се појавила друга група на припадници од истиот вид која го прифатила уплашеното и ранливо младенче и ја презела грижата за него.
Националниот парк Ифран е едно од последните живеалишта за загрозени видови и место за нивно научно истражување.
“Мислевме дека прифаќањето на туѓи младенчиња доаѓа предвид само кога мајмуните се многу млади, но Пипо е доказ дека и постарите младенчиња можат да бидат прифатени од други групи”, вели Лиз Кембел која го следела закрепнувањето на Пипо.
“Новите информации нѝ се многу драгоцени: тие ќе придонесат за добробитот на спасените макаки мајмуни, ќе ја зголемат нивната популација во дивината и ќе го ослободат просторот во засолништата за сместување на животни кои се запленети од ловокрадци”.
Тоа што непозната група му пришла на Пипо и започнала да го чисти е необична реакција за берберските макаки мајмуни, кои вообичаено не се баш пријателски настроени кон останатите групи. Инаку, тие се карактеристични по тоа што мажјаците обожуваат деца без оглед дали се нивни или не, но овој случај е специфичен бидејќи Пипо е од друго племе.