Портокалово ниво на опасност од топлото време

ИЗВОРСкопје24
|

Од жолто ниво на целата територија на државата вчера, денеска во некои делови е активирано повисоко, портокалово ниво на опасност од високите температури и УВ-зрачење. Предупредувачкото портокалово е активирано за скопското подрачје, Повардарието и источните делови од земјава.

УХМР соопшти дека под влијание на многу топла воздушна маса, до средината на наредната недела времето ќе биде сончево и многу топло, а само во петок ќе има извесно зголемување на облачноста.

Минималната температура денеска ќе биде помеѓу 11 и 20, максималната ќе достигне од 33 до 39 степени, а УВ-индексот 9.

Според временската прогноза, попладне ќе има умерена облачност и ќе дува слаб ветер од јужен правец.

Надлежните апелираат, поради високите температури, да се почитуваат препораките за заштита, не само за неизложување на директно сончево зрачење, туку и за внимателно консумирање храна, правилно однесување при движење на отворено и во природа, како и правилен третман на домашните, фармски животни.

-Граѓаните да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да носат заштитни очила и капа, да конзумираат лесна храна и течности, да внимаваат при подготовка и конзумирање на храната, да избегнуваат термички необработени производи како мајонез од домашни јајца, внимателно да консумираат сладолед и разни кремови, да внесуваат поголемо количество течности, најдобро обична вода за пиење, да избегнуваат алкохолни пијалаци, а пред влегување во возило, одреден период да го проветрат, истакнуваат надлежните.

Во топлите денови се препорачува граѓаните да останат во затворени простории, пред се климатизирани, а при неопходен престој на отворен простор, да најдат можност за почести одмори под сенка. Хронично болните лица редовно треба да ја земаат пропишаната терапија.