Макавејските денови во народната традиција
Во животот на нашиот народ макавејските денови имаат важно место. Според нив се прогнозирало времето и се планирале поважните работи.
На први август според стариот календар (или на 14 според новиот) што се совпаѓа со започнувањето на Богородичните пости се празнува празникот на седумте браќа, маченици од Макавејскиот род за кои пишува во Стариот завет на Светото писмо (Библијата). Во Библијата не се забележани нивните имиња но нив ги запаметило црковното предание и тие се: Авим, Антонин, Гуриј, Елеазар, Евсевон, Алим и Маркел. Тие со мајка им Соломонија и татко им свештеникот Елеазар како и со други приврзаници на Мојсиевите закони страдале со маченичка с*рт по наредба на сирискиот цар Антиох, од едни наречен просветител, а од други безумен. Затоа што храбро ја бранеле својата вера, царот пред очите на мајка им еден по еден ги мачел, им ја дерел кожата, а потоа ги фрлал во оган. Кога тоа го направил и со последниот, тригодишниот син, мајката скокнала во оганот предаваќи му ја така душата на својот единствен Бог. Тоа се случило околу 180 години пред Христа. Светата христијанска црква го определила денот 1 август (односно 14 август според новиот календар) за заеднички празник на седумте браќа Макавеи, на нивната мајка Саломонија и на свештеникот Елеазар, за сеќавање на нивните имиња и на нивната маченичка см*т.
Во народот празникот Макавеи се држи како тежок празник. Во некои места се смета дека овие празнични денови се шест, во други дванаесет. Во цела Македонија според тоа какво ќе биде времето во текот на овие денови се прогнозира времето за следните шест месеци (зимскиот период) или за целата година.
Во Велешко како што забележал Д. Матов на први август не се работело, се држел празник за да не им се трошат (да не им се јадат) прстите на жените при предење, а од првиот до шестиот ден во месецот се гледало какво ќе биде времето и какви ќе биле месеците од октомври до март. Според записот на Е. Спространов во Охрид првите 12 дена од август се викале Макавеи и тогаш жените не переле и не работеле тешки работи. И овде според Макавеите се прогнозирало времето во текот на годината со тоа што на еден ден одговарал еден месец. Ако времето било убаво цел ден значело дека целиот месец ќе бидел убав, ако пак било променливо значело дека и во текот на месецот ќе бидело и убаво и лошо. Вакви верувања за 12 денови Макавеи запишал и К. Шапкарев, само што тој сведочи дека времето што одговара на секој ден започнува од месец август. Шапкарев уште пишува дека не само што во ова време жените не работеле туку и не ги бањале децата.
Во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека во Кукуш овие денови 12 на број се викале Моринки. „Првите дванаесет дни од Августа се викает Моринки. Тие дни жените не работает, ни перат, ни деца кʼпат. На тие дни гатает за доброто или лошото време за цела година; ако на пр. првиот ден од Августа чинит горештина, коложек (јанвар) ќе бидит студен, и напротив; ако на вториот правит добро време, на сечка (феврал) ке чинит лошо; и така за другите.“ Во Радовиш 1 август го сметале за тежок празник и тогаш постарите држеле строг пост и не работеле никаква работа. Постоело верување дека од тој ден времето се завртувало на зима и дека тој ден штрковите и ластовичките започнувале да се готват за селење во потоплите краишта.
Вакви верувања поврзани во Макавеите запишал и М. Цепенков. Тој сведочи дека во првите три дена од август не чинело ниту да се пери, ниту да се бања, што значи воопшто да не се фаќа вода освен за пиење. Ако се перело во тие денови алиштата ќе се искинеле. М. Цепенков притоа забележал дека бил сведок алишта перени во овие денови веднаш се искинале. „Мајка е на снаа ми Марија пред 15-16 години белила коприна во трите дена од август и, за чудо големо, коприната му се искинала парче по парче. Па ти не веруј, тате ‒ ми рече снаа ми -‒ коа сум видела јас со свои очи дома“.
Во Порече Макавеите ги сметале дванаесет дена, но за празник ги држеле само првите два. „Два дни саде ји држиме. Не работиме ‒ и машка и женска работа не работиме. Од временија, од времето ‒ да не удрит снег, да се не сотрет стока, бериќетот. Па тије тогај ми кажуат Макавејите што ќе бидит зимава. Ако је ведро да вејет, ќе бидет студено, мрзлово, не ќе се излагат надвор. Ако је облачно, па ќе ми бидет меко, врнет и ќе ми бидет тревата. Колку месеци толку Макавеји.“
Очигледно споменот на седумтемина браќа од Стариот завет долго останал во црковното предание и тоа било поврзано со некои елементи од народното верување какво што е, пред се, прогнозирањето на времето.
(Подготви Марко Китевски)