Исповедта на оваа девојка го расплака Твитер: “Го барам овој човек, ми купи велосипед кога бев 5-годишна бегалка – ми ги разубави грозните денови”

ИЗВОРСкопје24
|

29-годишната Меван Бабакар допрела до срцето на корисниците на Твитер кога ја споделила приказната за топлиот гест на еден добар човек кој ѝ ги развеселил тешките бегалски денови, кога таа имала само 5 години. Меван во 90-тите живеела во бегалски логор во Холандија, а еден од волонтерите бил толку великодушен што ѝ купил велосипед. Сега, кога Бабакар пораснала, таа го побарала преку социјалните мрежи.

“Здраво интернет, знам дека шансите ми се мали, но: 5 години бев бегалка во текот на 90-тите и овој човек, кој работеше во бегалски камп во близина на Зволе, Холандија, ми купи велосипед. Моето 5-годишно срце експлодираше од радост. Сакам да го знам неговото име. Може ли да ми помогнете?”, стои во нејзината објава, во која приложила и фотографија од човекот која таа и нејзината мајка ја понеле заедно со уште неколку работи од бегалскиот логор.

Бидејќи не можела да се сети на неговото име, Меван мислела дека нејзината потрага ќе биде залудна. Меѓутоа, по 3.000 споделувања и неколку новински написи, Меван се сретнала со нејзиниот јунак од детството. Тој се вика Егберт, денес одгледува орхидеи и сè уште им помага на бегалците. Веднаш се сетил на Меван и нејзината мајка, но ги замолил новинарите да не му го објавуваат презимето поради приватност. Тој се сретнал со девојката во Холандија, а средбата била многу емотивна.

Бабакар вели дека велосипедот кој го добила од Егберт и неговото добро дело ѝ помогнале да израсне во личност каква што е денес и повторно да се чувствува вредно. “Се сеќавам дека се чувствував многу посебно. Се сеќавам дека помислив дека велосипедот е огромна работа која треба да ја примам и се прашував дали воопшто вредам за таквите работи. Тоа чувство стана основа на моето растење”, вели таа. Екипата на Твитер ја прогласила приказната за најубава оваа година.