Од денеска почнува наплатата на најскапата патарина во Македонија

ИЗВОРСкопје24
|

Од денеска, 26.08.2019 со почеток во 7 часот започна со работа наплатна станица Гевгелија, соопшти АМСМ.

На патарината кај Смоквица има 10 наплатни рампи, пет кон Гевгелија и соседна Грција и исто толку кон Скопје. Ставањето во функција на ова патарина се случува откако ЈП „Државни патишта“ го изгради споредниот пат до Гевгелија за жителите од околните села.

Се очекува на патарината „Смоквица“ да се наплаќа по 100 денари за патничко возило, што значи дека ова ќе биде најскапата патарина во Македонија.

Јавното претпријатие за државни патишта од почетокот на годинава, па заклучно со јули, од наплата на патарина остварило приходи во износ од 1.434.012.792 денари (23,5 милиони евра) или за 3,97 проценти повеќе во однос на истиот период лани.

Електронското плаќање од минатиот месец е достапно на наплатните станици на Коридорот 10: Романовце, Петровец, Сопот, Отовица и Градско. Во тек е надградба за прилагодување на системот за електронска наплата на патарина за возила од прва категорија А, односни мотори.

Во наредниот период ќе се градат две нови патарини на автопатот Миладиновци-Штип и една на автопатот во изградба Кичево-Охрид, а ќе се воспостави електронска наплата и на патарините од Коридорот 8 (Миладиновци, Глумово, Желино, Тетово и Гостивар). Во тек е евалуација на понудите за избор на најповолен понудувач на тендерот за изградба на патарините и електронската наплата што беше распишан во јуни годинава е во вредност од 13 милиони евра обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој.