13-годишниот Марко вечерва го почнува ултрамаратонот од 64 км. за лицата со ретки болести

|

Тринаесетгодишното момче кое минатата година ги освои симпатиите препливувајќи ја делницата од Свети Наум до Охрид овој пат си зададе уште поголем предизвик – да плива рута долга 64 километри како поддршка за лицата со ретки болести.

Веднаш по минатогодишниот пливачки спектакл Марко ни соопшти дека подготвува нешто големо, вели во телефонски разговор за Канал 5 Светлана Пљакоска која е дел од тимот за подготовка на младиот пливач.

„Има препливано над 1000 километри во изминативе неколку месеци и она што годинава ќе се плива е вкупно 64 километри – тргнувајќи од Охрид, Свети Наум, Струга и назад кон Охрид. Ќе плива, под претпоставка, 24 часа и тоа се ќе зависи од временските услови, состојбата на езерото, ветерот, вели Светлана Пљакоска, дел од тимот на Марко .

Скромноста, дисциплираноста и силната верба во Бога останале негова најголема доблест, раскажува Светлана. Во ниту еден момент Марко не се посомневал во својата зацртана цел. Марко ќе плива за борба со реткоста, а ова го прави уште поголем борец ако се знае дека токму ова момче пред неколку години доживеало инфаркт на коска на долните екстремитети.

Шеесет и четири километри навистина не е мала рута, со велосипед било кој од нас да седне многу тешко ќе ги помине а камоли да ги преплива, особено земајќи предвид дека ќе плива и навечер. Целта на ова пливање не се километрите, туку ќе се плива за децата со ретки болести и подигнување и приближување на свеста кон јавноста, пред се кон општествените чинители,“изјави Светлана Пљакоска, дел од тимот на Марко.

По повод ултра маратонот, на охридското пристаниште утре ќе биде поставен штанд на кој ќе се продаваат специјални маички, а собраните средства ќе бидат донирани за хуманитарни цели.