Да ве замолам за јогуртче едно, ако може, за со ѓевреков, да не го јадам на суво, работев кај еден денес, не ми плати, ќе ви донесам пари утре…

|

Работничката класа некогаш и денеска. Можеби се во прашање само неколку години, но разликите се огромни. Во минатото со работничката плата можело да се живее убаво, но денеска со неа си на работ на егзистенцијата.

Една млада личност на својот Фејсбук профил ја сподели својата случка од пекара, која многу убаво ја опишува денешната работничка класа.

Текстот од Калина Коси го пренесуваме во целост:

По бурек сабајлево во локалната пекара. Додека чекав да се допече симитката, влегува човек во работничко одело. Имаше преку 50. Засушена вар и бетон на неговите чевли. Прастари, со врвките во различна боја, кафена и сина. Валкано капче на главата. Избраздено лице со длабоки брчки. Уште подлабоки пукнатини на грубите раце со крвави рани на неколку места. Сино одело кое посивело од прашина наколениците. Работничка класа. Типичен пример.

„Да ве замолам за јогуртче едно, ако може, за со ѓевреков, да не го јадам на суво. Работев кај еден денес, не ми плати, ќе ви донесам пари утре, еве онде работам, подолу, кај што е паркирано белоно комбе“… покажува со раката. Му се тресеше од срам, непријатно му беше. Надничар, си помислив. Ја стискаше ќесата во рака во која се наоѓаше ѓевречето, врзано во чвор. Момент кога ти се смрзнува крвта во жилите. За 15 македонски денари кои ги оставаш бакшиш, ги расфрлаш по дома, ги забораваш по џепови. За тебе ништо, за некого многу, живот. Со нив можеш да изгаснеш жед, да не јадеш на суво, со нив можеш да си приуштиш задоволство. Две јогуртчиња му даде газдарицата, не едно. „Нема проблем, терај чичко“. Не знам колку пати ѝ рече фала на жената пред да излезе. А потоа седна на бетонската ограда надвор, го испи едното јогурче на екс, го разврза ќесето па се „гоштеваше“ полека. Ми се виде како цела церемонија, иако траеше само 2 минути. На крајот од церемонијата, со грубите раце си ги избриша усните, рацете од оделото, па си замина. Колку ли ќе го држи едно ѓеврече? Физички работник. Со две кревања на лопатата ќе му отиде силата од ѓевречето. Туку… ако не му платил човекот, од каде му е ѓевречето, си помислив? Можеби му останале 10 денари по џебовите па си го купил? Можеби си го донел од дома? Можеби исто вака некаде, во некоја друга пекара влегол, објаснувал, се молел… ѓеврече да му дадат?

Ми се одјаде. Ни симитката веќе не ми мирисаше убаво. Ни бурекот. Свесен ли беше чичкото, како што бев јас, дека во моментот кога ги побара јогуртчињата тој просеше? Зарем дотаму сме дошле? Работничката класа да ни проси? Дотаму. Тоа е реалноста, насекаде околу нас, само треба да подзастанеш, да ги отвориш пошироко очите, за да ја видиш. За некого „гозби“ од ѓеврек и јогуртче, за политичарите гозби од срнечки грбови, лососи и коњски стекови… платени преку грбот на чичкото со чевли испрскани со вар и бетон. Јас само не знам, се прашувам, не можам да сфатам, како не ви мирисаат скапите гозби на потта на работниците? Нивната пот ви е зачинот! Нивната крв ви е скапото вино кое го пиете… една ваша голтка чини стотици јогуртчиња… Крвопијци! …