Банкротот на најстарата туристичка агенција „Томас Кук“ ги уништи плановите на илјадници туристи, но и венчавката на британецот Томас Кук.
29-годишниот Томас Кук и неговата две години помлада партнерка Амелиа Бинч кои што живеат во англиски Хакнел во близина на Нотингем, отпатувале на грчкиот остров Родос на 18-ти септември, а таму на 27-ми овој месец требало да се венчаат.
„Агенцијата „Томас Кук“ поради моето име ни вети дека ќе имаме изненадување на нашата венчавка, но ова изненадување не е такво какво што очекувавме“, изјави Томас Кук.
Нивните гости требало да пристигнат на Родос овие денови, но сега сѐ е под знак прашалник затоа што целата свеченост, цвеќињата, тортата и забавата исто така требало да бидат организирани од „Томас Кук“, агенцијата која банкротираше во понеделникот.
Томас Кук бил шокиран откако во вторникот наутро прочитал дека туристичката агенција прогласила банкрот.
„Очекувавме повеќе од 30 луѓе, нашето семејство, нашите пријатели. Сите уште се во Англија, мојот кум е во Англија, никој не знае ништо. Две години го подготвувавме ова, а сега сѐ падна во вода“, се пожали Кук.
Амелиа додаде дека сето ова е кошмар: „Ова е кошмар, ова е ужасно. Не очекувате такво нешто од ваква компанија, ние им препуштивме да организираат сѐ, а сега ќе имаме дополнителни трошоци“.
Таа откри дека за организација на нивната венчавка веќе платиле 11 илјади евра.