Кога две големи сили се гледаат низ нуклеарен нишан загрозен е целиот свет, во најмала рака целата човечка цивилизација, а за време на Студената војна ситуацијата била на раб да ескалира во нешто страшно.
Кон средината на 80-тите години од минатиот век, бројот на активни нуклеарни боеви глави во светот го достигна максимумот – неверојатни 70,300. Само за споредба, денес се активни само 3,500, а вкупниот број на боеви глави падна на околу 14 илјади.
Колкава би била магнитудата доколку за време на Студената војна избиел нуклеарен судир помеѓу двете најголеми сили – САД и СССР? Доволно е да се каже само дека тоа би било сценарио на една тотална деструкција и избивање на Трета светска војна, кое што би резултирало, како што вели Алберт Ајнштајн, Четвртата светска војна да се води со дрва и камења.
Токму тоа всушност ги спречувало големите сили да нападнат, затоа што во еден таков случај, знаеле дека и тие би се соочиле со нуклеарен напад и уништување. Но, што ако се случи некаква грешка, погрешна информација која може да поттикне реакција и тотален хаос?
Такви опасни ситуации имало неколку, а најопасната од сите се случила на денешен ден, на 26-ти септември 1983-та година.
Американски нуклеарни ракети летаат кон СССР
Станислав Петров бил потполковник во советските против-воздушни сили задолжен за управување на системот „Око“ – систем кој Советите го развиле за рана дојава на нуклеарен напад. Тој ден, непосредно после полноќ, се случило најлошото нешто што можело да му се случи на Петров – системот јавил дека Американците штотуку лансирае нуклеарна ракета кон СССР!
Петров имал само две опции – итно да ги извести своите надредени да го возвратат ударот, односно да бидат лансирани и советските нуклеарни ракети кон САД, или пак можел сето тоа да го оцени како грешка и да не реагира. Додека се двоумел, системот повторно се огласил – уште четири ракети се лансирани од САД и летаат кон СССР!
Петров одлучил сето тоа да го протолкува како грешка на системот, иако немал начин тоа да го потврди. Единствениот начин бил да почека и да види дали навистина ракетите ќе го погодат Советскиот сојуз. Тоа значи дека станувало збор за негова лична одлука и благодарение на таа одлука, тој го спасил светот.
Зошто донел таква одлука?
Постојат неколку причини зошто Петров одлучил да не ги извести своите надредени и да започне нуклеарна војна, а сите можеле да бидат погрешни. Тој верувал дека доколку Американците изведат напад, ќе лансираат огромен арсенал кон СССР со огромен број на боеви глави, а не само пет.
Понатаму, предупредувањето за нападот во системот многу брзо минало низ сите 30 слоеви на автоматска проверка. Поради тоа, Петров претпоставил дека можеби станува збор за грешка на системот.
За ова никој ништо не знаел се до распадот на СССР. Петров во интервју во 2013-та година наведе уште една причина – за разлика од неговите колеги кои што имале исклучиво воена обука, тој имал цивилна. Според него, доколку тоа го забележале неговите колеги, тие ќе реагирале така како што се тренирани, без да ги испитаат различните можности. Ќе реагирале стриктно по инструкции и тоа ќе резултирало со катастрофа од невидени размери.
Петров го прекршил протоколот и ризикувал многу, но благодарение на тоа го спасил светот. Според експертите, доколку ја известел воената команда на СССР, тие ќе имале само неколку минути да реагираат, што значи дека би немало време за воспоставување на контакт со Вашингтон – тоа би довело до лансирање на советските нуклеарни ракети кон САД и Трета светска војна.
Не е херој?
За неговиот живот после инцидентот не се знае премногу. Тој од војската бил пофален за одлуката, но ништо не било споменато јавно. Петров имал нервен слом, а почина во мај 2017-та година. Веста за неговата смрт се појави во руските медиуми дури во септември.
И самиот Петров не сакал да се истакнува и бил скромен, иако бројни земји после распадот на СССР му доделиле разни награди.
„Се што се случи не ми беше важно – јас само ја вршев мојата работа. Бев вистинскиот човек на вистинското место и тоа е се. Мојата почината сопруга не знаеше за тоа 10 години. Кога се дозна случајот ме запраша „Што си направил?“, а јас ѝ одговорив дека ништо, не направив ништо“.