Ако постојано се преиспитуваш, никогаш нема да мрднеш од место

|

Ако постојано мериш, ако постојано го чекаш вистинскиот момент или некои подобри услови, тогаш вечно ќе чекаш. Затоа што секогаш ќе има уште нешто што мораш да го дочекаш, уште нешто за да направиш, уште некој изговор кој ќе те кочи. Секогаш. 

И никогаш нема да биде вистинското време, ако не одлучиш дека тоа е сега. Никогаш вистинскиот момент за чекор напред, совршена ситуација од која совршено ќе скокнеш на следното скалило. Никогаш. Сѐ додека мериш, сѐ додека се премислуваш, сѐ додека стравот те држи под контрола.Сѐ додека не се осудиш да направиш барем малечок чекор, барем некое ситно поместување во посакуваната насока. Чекор кој можеш да го направиш уште денес. Веднаш. Не утре. Сега. И тогаш ќе ти порасне самодовербата и ќе видиш дека не е толку страшно, толку драстично и невозможно. Ќе видиш дека е многу полесно отколку што изгледало на почетокот.

Затоа што нашиот ум си врти милион сценарија и тие најчесто никогаш не се остватруваат. И тогаш излегува дека е многу полесно. Поедноставно. Не боли како што се чинело дека ќе боли. Напротив, чувството на леснотија преовладува откако ќе ги направиш тие први чекори и конечно ќе го отфрлиш целиот тој товар од грбот. А кога ќе почнеш да се движиш, ниту еден товар нема да има шанса да остане на твојот грб.

Затоа што конечно ја намирисуваш слободата. Слободата на душата и изборот. Слободата да тргнеш по својот пат кој толку долго те повикувал. Слободата која самиот на себеси конечно си ја подаруваш. И секој следен чекор е полесен од претходниот. Поедноставен, полетен! Затоа што тоа е тоа, тоа си конечно ти во полн сјај!

И каков и да е твојот пат, тој е најдобар за тебе и не дозволувај некој да те пренасочи и да те тера да одиш по друг пат. Не им обрнувај внимание на осудувањата и ласкањата. Само храбро чекори напред со уверувањето дека сѐ ќе си дојде на свое. Развлечи ја насмевката на лицето, отвори го срцето и препушти му се на животот. И дозволи патот да те одведе кон најубавата етапа во твојот живот.