Зошто кафето кај некои луѓе влијае врз сонот, додека на други воопшто не им смета?

|

Дали сте од оние луѓе кои по пиењето на кафе имаат проблеми со сонот или заспивате исто како да не сте испиле ниту една шолја?

Дали некогаш сте се запрашале зошто кофеинот различно влијае кај луѓето?  

Шкотските научници ја откриле причината – станува збор за посебна варијација на генот PDSS2 кој некои луѓе го поседуваат, додека други не. А токму тој ген влијае на начинот на кој телото го разградува кофеинот, а тоа влијае и на задржување на кофеинот во телото.

Во истражувањето спроведено во северна и јужна Италија, биле испитани повеќе од 1000 луѓе, додека во Холандија учествувале повеќе од 1700 луѓе. Сите испитаници пополнувале прашалник во кој одговориле колку кафиња консумираат во текот на денот.

Научниците дошле до резултат дека оние кои пиеле помалку кафе имале и одредена варијација во генот. Кај нив, кофеинот побавно се разградува, а со самото тоа и подолго се задржува во телото и подолго ги држи будни.

Од друга страна, оние кои не го поседуваат овој ген имаат потреба да пијат кафе повеќе пати дневно.

Освен овој ген, на задржување на кофеинот во телото влијае и каков метаболизам имате и дали сте пушачи. Доколку пушите цигари, тогаш имате потреба и да пиете повеќе кафе. Важно е да водите грижа за количината на испиено кафе дневно, но и на последиците кои тоа може да го има врз организмот.

Ако почувствувате тресење на рацете или срцебиење по консумирањето на кафе, време е да ја намалите неговата количина.