Уште еден валидатор во автобусите во јавниот градски превоз

|

Се забрзува влегувањето во автобусите на градскиот превоз. Освен на предната врата кај возачот, валидатор за картичките „Скопска“ во секој автобус веќе се поставува и на задната.

Од ЈСП информираат дека поставувањето е во тек и вториот валидатор ќе овозможи побрз проток на патниците, а и автоматски ќе го намали времето за задржување на постојките при влез на патниците, како и гужвите на предна врата – потенцираат од ЈСП-Скопје.
Иако, во оваа набавка, заедно требаше да се реализира и хартиениот билет за едно возење, тој сè уште не е достапен за патниците во автобусите.
Советот на Град Скопје донесе одлука тој да чини 50 денари.

Оваа голема набавка според ЈСП чини нешто повеќе од 2 милиони евра.

– Покрај поставувањето на втор валидатор во возилата и воведување на 300.000 хартиени билети за едно возење, набавката опфаќа надградба на системот за контрола на линиската контрола, изработка на апликација наменета за инсталација на паметни телефони базирани на Андроид оперативни системи, која на корисниците ќе треба да им овозможи купување на различни видови билети и нивно користење со помош на примена на NFC технологија или еквивалентно – велат од ЈСП.

Корисничката апликација треба да има модуларна структура со можност за надградување, а треба да ги содржи следните основни функции: паричник (надополнување, активирање на плаќање, преглед на сметка, листа на активни билети со времетраење).
-Ова сега речиси и да не е овозможено, со исклучок на надополнување на „Скопска“ кое се прави единствено во билетарница или во секундарната продажна мрежа. Потоа, информации (време на пристигнување на автобуси), шема на автобуски рути, мапа со филтер за пребарување, планирање на рути со геолокација (пат до најблиската влезна станица во однос на моменталната локација, излезната станица, оптимални автобуски линии, број на автобус, време на пристигнување на автобусот, траење на патувањето, цена за патување, најблизок пат до дестинација), како и други надградби на постоечките системи од интерно значење на претпријатието, нагласуваат од ЈСП.

Тендерот го доби „Македонски телеком“.