Македонија испрати тимови за спасување во Албанија

|

Тимови за спасување и компании од Струшко-охридскиот регион веќе се испратени да помогнат во Албанија по силниот земјотрес, а лекарски тимови ќе добијат инструкции како треба да делуваат, информира премиерот Зоран Заев при учеството на денешната трибина со здравствени работници во Скопје.

-Нашата земја уште од рано сабајле ги донесе сите одлуки да асистира на пријателска Албанија поради трагедијата што се случи. За жал веќе има констатирано седум жртва, рече премиерот.

Тој додаде дека голем број компании од струшко-охридскиот и кичевски регион што работат на патиштата ќе испратат градежна механизација за расчистување.

Тој претходно на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук изрази сочувство за жртвите од земјотресот во Албанија и понуди помош и поддршка.

Како што истакна, во комуникација се со институциите на Албанија и оти земјава е подготвена да ја пружи сета неопходна помош и поддршка.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов  објави дека во договор со градоначалникот на Тирана, Град Скопје кон Драч ќе упати специјална екипа опремена со термални дронови за помош при пребарување на преживеани под рушевините.

– Правиме се’ што е можно за помош во овие трагични моменти, напиша Шилегов на Фејсбук.

Претходно вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи најави дека Владата на денешната седница како прва точка ќе ги разгледа сите можности за помош на Албанија по ноќешниот силен земјотрес. Дваесетина спасувачи во координација со Дирекцијата за заштита и спасување, информираше Османи, веќе се подготвуваат да одат во погодените места.