Во Драч, албанскиот град кој најмногу е погоден од силниот земјотрес, во тек е расчистување на рушевините, а жителите не се осмелуваат да се вратат дома, поради стравот од нови потреси.
Од рушевините, според последните податоци, извлечени се најмалку 40 лица, меѓу кои и едно дете. Многу згради се целосно срушени, некои напукнале, а има и такви кои се сериозно оштетени. Во градот владее напната атмосфера: луѓето воглавно седат во парковите, се трудат да не паничат или бараат сместување на побезбедно место.
На најтешко погодените локации во градот има полиција и пожарникари. Неколку жители, чија зграда е тешко оштетена, биле затекнати во дворот на училиштето. Прераскажувале како ги доживеале моментите од самиот потрес, кој го погоди градот околу 4 часот утрово, па потоа повторно во 7:10 часот.
За медиумите изјавиле дека не знаат каде ќе одат, но дека стравуваат да се вратат во домовите, бидејќи не можат да проценат дали се безбедни.
Сепак, покрај сè, животот во овој град се одвива колку-толку нормално, а работат и кафулињата каде многумина побарале помош.
Епицентарот на првиот потрес со магнитуда 6,4 степени инаку се наоѓал кај Драч, на длабочина од околу 10 километри, додека јачината на вториот земјотрес изнесувала 6,5 степени. Во период од три ипол часа, на територијата на Албанија бил забележан дури 21 земјотрес, повеќето со јачина од четири степени според Рихтер.