Сите знаеме дека мачките не можат да им одолеат на преградите со која било големина, без разлика дали е тоа корпа за алишта за перење, фиока или картонска кутија. И покрај тоа што е малку фрустрирачки кога на вашата мачка ќе ѝ купите нов кревет, а таа спие во кутијата од тој кревет, сепак постои објаснување за оваа нивна опсесија.
Според истражувањата, мачките се чувствуваат толку многу задоволно во кутиите бидејќи тие им го намалуваат стресот. Во 2014 година, истражувачите од Универзитетот во Утрехт решиле да ја тестираат оваа теорија и направиле едно истражување.
Нема да ве изненади тоа што го откриле истражувачите. Лежењето во кутии навистина го намалува нивото на стрес кај мачките. Истражувањето било спроведено во едно холандско засолниште и биле вклучени 19 мачки, од кои 10 имале кутија. Само по неколку дена, истражувачите забележале дека мачките што имаат кутии имаат пониско ниво на стрес за разлика од мачките што немале свои кутии.
Научниците заклучиле дека кутијата е многу важен предмет за мачката затоа што таа ѝ служи за справување со стресот што го има во првите недели по пристигнувањето во ново засолниште. Но, тие изјавиле дека е потребно понатамошно испитување за да се утврди каков ефект има кутијата врз домашните мачки, какви се нејзините долгорочни ефекти и дали постои корелација со појавата на заразни болести.