Македонија ќе мора да увезува кувари, келнери и градежни работници

ИЗВОРnovlist.mk
|

Угостителите и хотелиерите од Охрид и Струга од власта бараат поедноставување на процедурите за ангажирање на келнери, готвачи, собарки… Пред две недели и стопанственици од Министерството за труд и социјална политика и од Агенцијата за вработување побараа овозможување на увоз на работна сила од странство. Заминувањето на младите од Македонија преку овој пример само ја покажуваат сериозноста на сѐ помасовното иселување на македонските граѓани од нивната татковина.

Во октомври мкд.мк пишуваше за проблемите со кои се соочува сопственикот на центарот „Јавна соба“ во Скопје. „Нема луѓе. Нема веќе кој да работи. Ќе дојдат, ќе поработат неколку месеци, таман ќе се обучат – заминуваат во странство. И ние пак од почеток“, вели сопственикот на „Јавна соба“, Александар Велиновски. Тој тогаш изјави дека решил веќе да не чека и дека од државата бара поедноставни процедури за да донесе работна сила од Украина.

Од вчера и угостителите од Охрид и Струга бараат промени на законската регулатива и олеснување на процедурите за увоз на работници од други земји, на пример од Украина и Молдавија. Тие велат дека ваквата мерка е повеќе од неопходна поради сè поголемиот недостиг на квалитетен и стручен кадар, пред сѐ готвачи и келнери.

„Бугарите го решаваат тоа со работна сила од Украина и Молдавија, инаку без нив воопшто не би ја ни завршиле туристичката сезона…“, изјави Перо Кутаноски, менаџер на хотел, за ТВ Алсат.
Младите од Македонија за истата работа, ама многу подобро платена, заминуваат во Малта, Италија, Хрватска, Германија…

„Оваа година имавме навистина голем проблем кај сите објекти, па и тука кај мене. Некако успеавме да изменаџираме со помлада работна сила и со снаоѓање, но очигледно дека наредната година ќе го имаме истиот проблем со поголема мера и мора да се бара некое решение“, рече Кутаноски.

Сите предупредуваат дека од година во година состојбата станува сè поалармантна.

Пред десетина дена и бизнисмените од Струмица побараа поедноставен „увоз“ на работници од странство. Дали Министерството за труд и социјална политика размислува за увоз на работна сила од трети земји, бидејќи нашата заминува и дали државата е фокусирана на ослободување на законската регулатива за ангажирање на работници од странство, прашуваат бизнисмените.

Масовното иселување неповратно го отвора ова прашање. Компаниите остануваат без работници, а државата без луѓе врз кои ќе може да ги примени мерките од владиниот Оперативниот план за вработување за 2020.

„Нудам плата од 500 евра, со покриено здравствено и пензиско осигурување. Еден оброк платен. Бакшишот башка… и нема луѓе“, вели сопственик на еден ресторан во Скопје.

Интерес за работа има од работници од трети земји, каде платата е 100 евра. Треба да им овозможиме поедноставување на процедурата за работа тука, во Македонија, бараат бизнисмените.

Дел од стопанствениците бараат Оперативниот план за следната година да биде флексибилен, односно да се прилагодува на динамиката на бизнисот и со тоа да се овозможи и брз проток на работната сила.