Со 600.000 багреми пошумени косините на автопатот Миладиновци – Штип

|

Со 600 илјади садници се пошумени косините на автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип со цел да се обезбеди стабилизација и заштита од ерозија.

На површина од 30 хектари долж автопатот се засадени багреми. Пошумувањето, што стартуваше есенва, се реализира со 13 милиони денари, обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.

Од ЈПДП најавуваат дека следната година ќе спроведат дополнителни мерки за мал дел од површините со косини каде што со пошумување ќе нема ефект за заштита од ерозија.

– На останатите, мал број површини со косини, кои е невозможно да се пошумат, односно пошумувањето нема да го даде посакуваниот ефект на стабилизација и заштита од ерозија, со посебен проект ќе се предвидат дополнителни инженерски мерки, како хидрозатревнување, ублажување косини и формирање берми, санација на свлекувања, поставување геонет, жичени мрежи и слично, кои ќе продолжиме да ги спроведуваме во следната година, велат за МИА од ЈПДП.

На автопатот Миладиновци – Штип во должина од 47 километри, што беше пуштен во јуни годинава, треба да се изградат две патарини.

На клучките и автопатиштата на коридорите 8 и 10 од средината на август досега се собрани 569 кубни метри смет во текот на активностите за косење трева и плевел, кастрење грмушки и гранки, сечење дрвја во патен појас, како и чистење и собирање смет. На Коридор 10 се собрани 310 кубни метри, а 259 кубни метри на Коридор 8.