Во Црна Гора последниве 11 години се извадени 20.000 пасоши повеќе отколку што има жители

ИЗВОРnovlist.mk
|

За 11 години, од 2008 до 2019 година, во Црна Гора се издадени вкупно 643.479 пасоши, односно речиси 20.000 повеќе од вкупниот број жители, кој официјално изнесува 620.000, соопшти црногорското Министерство за внатрешни работи по повод една деценија визна либерализација, пренесува „Спутник“.

„Проблемот, веројатно, е во статистиката зашто разликата од 20.000 е многу голема. Можеби проблемот се и луѓето што живеат надвор од Црна Гора, во држави каде што двојното државјанство е дозволено. Тука мислам на црногорската дијаспора, луѓе што не се пријавени во матичната држава, туку во онаа во која живеат, работат и плаќаат даноци“, вели Срѓан Вукадиновиќ, професор по социологија.

Тој додава дека проблемот може да лежи и во пописот на населението зашто, според статистичките податоци, во Црна Гора има повеќе граѓани отколку домаќинства.

„Ако во Црна Гора има 620.000 луѓе, а 640.000 патни исправи, колку граѓани има тогаш што немат пасоши? Тврдам дека има стотина илјади такви. Државата им даде државјанство и на речиси 500 заслужни луѓе, а тоа не е голем број, но меѓу нив има и некои криминалци што се на потерници во матичните земји“, вели Вукадиновиќ.