Пејачот, текстописец и музичар Дино Мерлин вечер ќе настапи на плоштадот „Македонија“, за пречекот на Новата 2020 година. Дино Мерлин ќе одржи солистички концерт, а неговото гостување градските власти ги чини нула денари.
– Забавата ќе ја отворат музичките групи „Gypsy Groove“ и „Суперхикс“ почнувајќи од 20:30 часот, а одбројувањето до Новата година ќе го направиме со спектакуларното музичко шоу на регионалната ѕвезда, Дино Мерлин, соопшти Град Скопје.
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на прес-конференција рече дека Дино Мерлин е една од најголемите музички ѕвезди на Балканот и оти на заедничките средби пролетва се договориле за неговиот настап во Скопје. Сумата за организација на Новата година, како што соопшти Шилегов, е иста како и лани.
Дино Мерлин нагласи дека за него Скопје значи топлина, град полн со живот, разноликост, изобилува со различни нации, култури, исто како и неговиот роден град Сараево.
За пречек на Новата 2020 година, точно на полноќ, присутните на плоштадот „Македонија“ ќе имаат можност да уживаат во огнометот кој традиционално секоја година светнува на небото над главниот град.
До дочекот на Новата година на скопскиот плоштад ќе бидат поставени новогодишните куќички на новогодишниот базар „Винтерленд“, кои се сместени на новиот плочник меѓу ГТЦ и плоштадот. МВР во соопштение во пресрет на новогодишните празници апелираше да не се употребуваат петарди и да се пријавува нивна продажба.