Паркингот во Центар поскапува за 20 денари од 8 јануари

ИЗВОРnovlist.mk
|

Од 8 јануари, цените за паркинг за 1 час на комерцијалните паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе се покачат за 20 денари.

Ова покачување се однесува само за паркиралиштата со наплата, додека цените за месечниот билет, дневната паркинг карта и останатите услуги на ЈП ПОЦ остануваат исти. Жителите на Општина Центар и понатаму ќе можат бесплатно да ги користат комерцијалните паркиралишта и монтажните гаражи со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар.
Од Јавното претпријатие велат дека одлуката за усвојување на новиот ценовник е со цел да се намали бројот на паркирани возила во централното градско подрачје и да им овозможи на жителите похумани услови за живеење.

„Во Општина Центар живеат повеќе од 45.000 жители кои секојдневно се соочуваат со сериозен проблем со паркирањето и поминуваат по неколку часа во нивните автомобили барајќи слободно паркинг место. Со цел да им се овозможи на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните домови“, велат од ПОЦ.

Одлуката за усвојување на новиот Ценовник на услуги и надоместоци на јавните паркиралишта со кои стопанисува претпријатието, донесена од Управниот одбор на ЈП Паркинзи на Општина Центар, едногласно беше изгласана од советниците на сите политички партии на последната седница на Советот на Општина Центар.

ЈП Папркинзи на Општина Центар апелира до сите граѓани кои не се жители на Општина Центар да ги остават своите автомобили и да го користат повеќе градскиот и алтернативниот превоз (велосипеди, електрични тротинети и т.н.) со кој, како што велат, значително ќе се реши сериозниот проблем со паркирањето во Општина Центар, како и проблемот со загадувањето на воздухот и животната средина.