АПЕЛ ДО СИТЕ ГРАЃАНИ: Вечерва невреме во Скопје, почитувајте ги овие препораки

|

Согласно најавите од УХМР и можноста за повторни врнежи на дожд и засилен ветар во текот на денешниот ден, Град Скопје апелира до граѓаните:

–да го избегнуваат движење по патеки поккриени со дрвја.
–да избегнуваат да ги паркираат возилата во близина на дрвја.

Екипите на Град Скопје ја следат состојбата на терен и истите се подготвени да интервенираат за санација на штетите предизвикани од евентуално невреме.

Синоќешното невреме е причина за училишните клупи во средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ во скопската населба Аеродром да бидат празни. Екипи на противпожарната бригада и ЈП Улици и патишта попладнево го вадеа лимениот кров, отстранувајќи го во дворот на училиштето.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов вели дека минатото лето е реконструирана фасадата на училиштето, а кровот последно бил променет пред 11 години од Министерството за образование и наука, во времето на Никола Тодоров.

„За жал, како што денеска можете да видите, состојбата на кровот е таква каква што е. И не е само на кровот, очигледно е дека кога во минатото кога се вршеле градежните работи не многу се внимавало за квалитетот“, рече Шилегов.

Покрај хемиското, делумно е оштетен и кровот на средното училиште Корчагин. Освен кај образовните установи, епилогот од вчерашното невреме е видливо и ден потоа на скопските улици. Паднати дрвја и гранки, откорнати покриви и заштитни огради, искинати билборди и распаднати фасади на објекти, меѓу кои и на новата барокна фасада на АД Мепсо, чија изградба чинеше 11 милиони евра. Просторот е под обезбедување и ограничено е движењето, полицијата веќе направила записник, а осигурителните компании и стручни лица допрва ќе вршат проценка на штетата.

„Вчерашниот ветер буквално ја соголи административната зграда на МЕПСО и голем дел од фасадата се најде на земја. Откорнатите парчиња стиропор оштетија неколку службени возила откорнати се и 10-тина клима уреди. Налетот на ветрот во само неколку часа покажа колку небезбеден може да биде проектот ‘Скопје 2014’ и за животот на луѓето“, рече Ева Шуклева – генерален директор на АД МЕПСО.

На терен се и екипите на Водовод и канализација кои вршат расчистување и проверка на функционалноста на сливниците и шахтите во сите општини за непречена работа на атмосферската канализациона мрежа.

Инаку, досега најмногу дојави за штети на телефонскиот број 195 на Центарот за управување со кризи доаѓаат од граѓани во општините Карпош, Центар и Кисела вода. Општина Карпош веќе ги повика жителите да поднесат барања доколку претрпеле штети на своите живеалишта, со цел финансиски да помогне во санацијата. Освен материјална штета, во вчерашното невреме е повредено и едно лице.