Биле во контакт со заразен од Бреша, имаат симптоми на коронавирус, а нема кој да дојде да им земе брис

|

Луѓе кои биле во контакт со лице дојдено од Италија, се заглавени дома со висока температура, кашлица и треска, а од центарот за јавно здравје им порачале да се јават ако развијат посериозни симптоми.

Вчера во редакцијата на A1On се јавило лице кое трет ден е во карантин, откако имал контакт со еден од заразените со COVID-19.

Човекот на редакцијата на A1On ѝ рекол дека вртел 15 минути на телефонските линии, дека цело време било зафатено, а кога успеал да ги добие, му било порачано да остане дома и да се јави само ако развие посериозни симптоми.

Додал дека живее дома со постари родители кои се хронично болни, побарал да дојдат да им земат брисови, но од Центарот му рекле дека тоа ќе се случи само ако има влошување на ситуацијата.

По разговорот со читателот, редакцијата на A1On се јавила во Центарот за јавно здравје, од каде им било кажано дека нема доволно кадар и дека не можат да пристигнат секаде на време.

На прашањето за какво влошување станува збор, вработените од Центарот немале прецизен одговор.

Лицето со кое читателот на A1on било во контакт е позитивно на вирусот, а во моментов е дома во стабилна состојба.