Лица што се грижат за пациенти со деменција или пациенти за кои се користи туѓа нега и не се подвижни, ќе може да имаат надзор и за време на полицискиот час.
Министерот за здравство Венко Филипче денес најави дека е најден начин на лицата кои се грижат за такви пациенти да им се издадат дозволи.
-За лицата кои имаат деменција или користат туѓа нега разговараме откако стигнаа голем број прашања и заклучивме дека може да им се издаде дозвола. Најчесто се работи за лица од семејството. Тие ќе треба да приложат медицинска документација која го оправдува движењето, да аплицираат и ќе добијат дозвола од Министерството за информатичко општество, рече министерот Филипче.
Од Министерството за информатичко општество изјавија дека заклучно со 31 март вкупно 33.863 граѓани добиле дозволи за движење за време на полицискиот час, од 22 март кога стапи на сила ограничувањето на движењето.