Дополнителни мерки и ограничувања на движењето во цела држава – Ова се деталите

ИЗВОРНов лист
|

Дополнителни ограничувања на движењето за граѓаните на територијата на целата држава, за време на работните денови и викендите, со важност од среда, 8.4.2020, од 16 часот

Владата на Република Северна Македонија на предлог на Комисијата за заразни болести во рамки на Министерството за здравство и Генералниот кризен штаб, донесе дополнување на Одлуката за забрана за движење на граѓаните во целата територија на државата, односно за продолжување на полицискиот час на целата територија на Северна Македонија.

Се забранува движењето за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден.

Дополнително,
За лицата над 67 годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот.

За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот.

За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16:00 часот до 05:00 часот во понеделник.

Според Одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.

Новите ограничувања стапуваат на сила во среда, 8 април 2020 година во 16 часот.

За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при шти тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.