Угостителите алармираат: Не сакаме бескаматни кредити, отпуштивме 15.000 работници

|

Блузу 15.000 работници вработени угостителски објекти веќе добија отказни решенија, а нивните работодавачи кои планираат да ги отпуштат сите 29.000 вработени, ја повикуваат владата да ги потроши парите од мерката бескаматни кредити и да ги обештети работниците. Ова денеска го соопштија од Туристичко – угостителската комора на Македонија од составот на Сојузот на стопански комори.

Како што на прес-конференција ијзави Мартин Ангелоски од оваа комора, малите угостителите не можат да се задолжуваат дополнително со кредити бидејќи не знаат колку ќе трае кризата и затоа веќе ги одјавуваат работниците.

– Ја информираме владата дека ние малите угостители нема да аплицираме за бескаматните кредити но бараме тие пари владата да ги потроши за нашите вработени и да им ги покрие платите и придонесите почнувајќи од месец март – рече Ангелоски.

Тој појасни дека, вака, како што се замислени мерките на владата, тие се несоодветни, нецелосни и неразбирливи, а тие бараат конкретни мерки кои ќе им ги покријат загубите од неработењето.

– Мерките само ќе не остават во големи долгови. Ние не сме погоден со кризата сектор, туку сме затворен сектор со одлука на влада. Имаме целосни загуби и не можеме да ги покриеме нашите обврски кон вработените, за кирии и други режиски трошоци. Ново задолжување со кредити е погубно за нас. Дополнително сите угостители не се опфатени со мерките, зашто дел од нив веќе користат некакви субвенции од владата, дали за зголемување на платите на вработените или за прием на работници на возраст од 50 години, што значи ќе останат и без можност да земат кредит – рече Ангелоски.

Според него, угостителите веќе го започнаа процесот на идјавување на работниците.

– 60 отсто од вработените се одјавени што според мои пресметки е околу 15.000 работници во угостителството од вкупно 29.000 – рече тој.

Во овој сектор на ниво на државата се регистрирани 6.000 правни субјекти.