Во текот на вчерашниот ден беше донесена одлука за поригорозен полициски час кој граѓаните на државата ќе мораат да го почитуваат се со цел да спречиме ширење на заразата. Одлуката е за време на викендот што следи, вклучително и понеделник, од петок 17 април во 16:00 часот, до вторник 21 април во 05:00 часот, се забранува движењето за сите граѓани.
Воедно, Спасовски информираше дека останува активна забраната за движење за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден.
-Од четврток 16 април 16 часот, до вторник 21 април 05 часот, се забранува движење на сите излетнички места, паркови и шуми низ целата држава.
Но, овде се наметнува прашањето колку граѓаните ќе ја испочитуваат мерката за седење во својот матичен град за време на Велигден, со оглед на тоа што според метео прогнозата која ја имаме отсега времето ќе не послужи, а воедно имавме прилика да проследиме на социјалните мрежи како дел од граѓаните посебно оние на кои живеалиштето им е во станбена зграда изминатиот полициски викенд тешко го поднесоа, затворени во четири ѕида со излегување на воздух само на терасите, па логично е овој викенд многумина од нив уште во четврток да заминат во некои од градовите низ државата каде што поседуваат викендици, а сето тоа мешање на луѓето од град во град и остварување контакти ќе придонесе до ширење на заразата и зголемување на бројката, па оттука се поставува прашањето ќе има ли засилени контроли за празничниот викенд и дали воопшто ќе ги спречи некој при излез од градот?
Во изминативе два дена кризниот штаб на Општина Охрид побара воведување на забрана за влез на жители од други општини во Општина Охрид и да се зголеми контролата на жителите од Охрид при влез и излез од градот за превенција и справување со болеста од Владата. Тие наведоа дека оваа мерка е неопходна непосредно пред Велигденските празници, со цел да се намали, односно да се оневозможи посетата на градот за туристички, верски и рекреативни цели, објави тогаш на својот фејсбук профил градоначалникот Константин Георгиевски.
„Барањето се заснова и на фактот што во Охрид и околните крајбрежни населби има голем број на викенд станови и куќи чии сопственици во периодот на Велигденските и првомајските празници, ги користат за одмор и викенд престој. Врз основа на најавите за поволните временски услови кои се очекуваат во текот на наредните две седмици, оваа мерка е навистина неопходна. Оваа мерка значително ќе придонесе и за намалување на ширењето на заразата и заштита на граѓаните на Охрид, со тоа што ќе се оневозможи и редовна комуникација и фрекфенција на граѓаните од територијата на Општина Струга и селата од Струшкиот Регион каде што бројот на заболени секојдневно расте, велат од охридскиот Кризен штаб.
На ова нивно барање епидемиологот д-р Жарко Караџовски одговори дека воопшто не е хумано, не е коректно, ниту епидемиолошки издржано барањето на Општина Охрид да се забрани влез и излез за жители од други градови.
„Прво такво прашање воопшто не е анализирано, второ, вторпат ќе повторам, може Скопје да има и 2 милиона жители и да се вика Скопје = Република Северна Македонија, и доколку тие граѓани ги почитуваат мерките, ќе нè биде. Затворање во својата ‘љуштура’, своето ‘гето’ кое се вика ’Затворено за останатите жители на државата‘, прво не е коректно, второ, тие луѓе плаќаат данок на општината каде живеете, каде градоначалникот собира пари од тие луѓе. Трето, општината добива помош од државата, заштитните средства доаѓаа од овде и спрема тоа затворање на локално ниво или создавање на такви виргинални подрачја во која нема да има влез, ниту излез на други граѓани сè со цел да се заштитиме ние, не е хумано, ниту коректно и не е епидемиолошки издржано. Сакам да ви кажам, сметајте дека во целата држава има зараза. За полесно да спиете и денес и утре, сметајте дека во цела држава има зараза“, рече Караџовски.
Големи се шансите епилогот од сето ова да биде зголемена бројка на заразени, со оглед на тоа што движење од град во град на лица кои дури и немаат сеуште почувствувано никакви симптоми на болеста, а истата да ја имаат во себе преку остварување на контакти со луѓето кои живеат во близина на нивните викендици да се заразат што поголем број на луѓе, факт е дека полицијата ќе патролира по улиците и ќе ги санкционира оние кои ќе ги затекне надвор, но истата нема пристап и во имоти кои се во приватна сопственост.