Филипче: Ќе се одделат болниците – едни за позитивни пациенти, други за пациенти кои се негативни

|

Министерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека на состанокот со претставници на Светската здравствена информација (СЗО), каде присуствувале над 150 земји и каде е констатирано дека сите земји од светот се соочуваат со ваков предизвик, донесен е заеднички заклучок дека оваа болест ќе донесе трајни промени не само во организацијата на животот, туку и промени во здравствените системи.

„Ќе биде ова период каде ќе треба да се одделат здравствените институции, едни само за третман со зарзата, други за пациенти кои се негативни. Сето ова бара реорганизација, која ние веќе ја започнавме. Тоа значи матичните лекари да преземаат повеќе обврски, а болничките капацитети да се празни. Веќе сме спремни, да одиме во следната фаза, кога ќе се попуштаат рестриктивните мерки за ограничување на движење за да го издржиме и секундарниот удар на здравствениот систем“, рече Филипче, кој денеска преку интернет прес-видеосесија, одговараше на актуелни прашања на медиумите и граѓаните за преземените мерки во врска со справување со здравствено-економската криза, заедно со техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, како и вицепремиерот Бујар Османи.

Тој упати апел до граѓаните дека најдобро е да се седи дома сега во овој период, за да како што истакна, по рестриктивните мерки, подоцна, за две недели, да може да се враќа животот во нормала.

„Нема да биде исто, ќе треба да се одржува физичка дистанца и во рестораните и во фабричките капацитети и кај патниците кои ќе патуваат во автобусите. Секаде во светот ќе биде исто“, заклучи министерот Филипче, кој рече дека сите мерки ќе продолжат да донесуваат позитивни резултати за успешно справување со кризата.

Министерот за здравство додаде дека раниот почеток, на преземање мерки, уште од крајот на јануари, со скрининг на аеродромот во Скопје, помогна да се открие првиот случај на заболен, жената која допатува кон крајот на февруари од Италија и следеа конкретни мерки, се одредија здравствените институции, подготвени со медицински кадар и респираторни машни, кои ќе ги лекуваат пациентите.

„Го надградивме капацитетот на Инфективната клиника, со обезбедување на поголем број кревети, се дуплираше капацитетот со мобилната болница, поставена со помош на Министерството за одбрана, се направи систем на ротација на здравствените работници, анестезиолози и медицински сестри со искуство на интензивна нега и други институции. Втора институција која ги презема пациентите е болницата „8-ми Септември“ и сите овие превентивни мерки преземени на почетокот и мерките со кои ги надградувавме иницијалните мерки, како воведувањето на задолжителната рестрикција на движење на граѓаните и рестрикцијата на јавниот превоз, препораките да се обезбеди физичка дистанца, како една од главните мерки која дава резултати секаде во светот придонесоа да имаме линеарен пораст на пациенти, а не експоненцијален, дуплиран раст на пациенти, како Италија, Шпанија каде колабираше здравствениот систем“, рече министерот Филипче давајќи ретроспектива за преземените мерки во борбата со зарзата.

Сите мерки, вели Филипче, придонесоа здравствените установи да можат да ги примаат сите пациенти кои се заболени и да не се преполнети капацитетите на Инфективната клиника и останатите медицински установи, каде медицинските работници се ротираат. Тој додаде дека позитивни резултати во справувањето со економско-здравствената криза придонесуваат и дополнителните мерки, ограничувањето на движење за време на викендите и дополнителните рестриктивни мерки за движење на загрозените категории, постарата популација, над 65 години и младите до 18 години, како група на граѓани кои вршат трансмисија на зарзата.

„Сметам дека овие мерки ќе дадат позитивни резултати и во наредниот период, и ќе придонесат на почетокот на мај, бројот на новодијагностицирани пациенти ќе се намалува и ќе бидеме во ситуација рестриктивните мерки да ги попуштаме“, рече Филипче.