„Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”: За здравје измијте се со оваа вода денеска…

ИЗВОРНов лист
|

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 23 април, денеска е Св. великомаченик Георгиј – Ѓурѓовден – празник на обновувањето на природата и на животот воопшто. Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка, Ѓурѓица и др.

Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец маѓу народот познат како Ѓурѓовден спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум. Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар. Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто. Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден, па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.

Кај нашиот народ со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна пословица се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден“. На овој ден се избираат селски одборници, протуѓери, полјаци, потоа се главуваат момоци, овчари, козари, говедари итн. Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу, пред сè, полски работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на вегетацијата воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција.

Пред Ѓурѓовден домаќинките во сад со вода ставаат разни пролетни растенија, како и чувар на куќата од Велигден, а утрината сите од куќата по ред се мијат со водата, децата да бидат здрави, девојките за момчињата да се грабаат за нив, старите – да бидат здрави, домаќинот за куќата да му биде добро чувана.